Се испитуваат неколку верзии за убиството на докторот Ацо Трповски, Обвинителството не открива дали го добиле извештајот од обдукцијата

Возила на Итна медицинска помош / Фото: Архива на „Слободен печат“

Убиството на матичниот лекар Ацо Трповски, уште не е расветлено од страна на истражните органи. Но, според сознанија на „Слободен печат“ истрагата е насочена на неколку верзии. Тие се однесуваат и на личните релации што докторот ги имал години наназад, но се прегледуваат и релациите со пациентите и професијата. Сето ова е во контекст на утврдување кои се мотивот и сторителите на грозоморниот настан кој се случи на паркингот пред поликлиниката во Железара, каде докторот беше пронајден починат во својот автомобил со убодни рани во телото. Јавното обвинителство не открива дали до нив дошле резултатите од извршената обдукција.

Матичните лекари вчера протестираа со четиричасовно неработење, иако мотивот за убиството и сторителите се непознати и не е воопшто утврдено дека се некако поврзани со медицинската практика. Во недостиг на расветлување на околностите и немањето осомничен/и, во јавноста се отвора просторот за шпекулации. Сепак, лекарите истакнаа дека во недостиг на официјални информации за причината и немањето осомничени, се чувствуваат небезбедни.

– Очекуваме од органите од прогонот да ни кажат што се случува. Се чувствуваме небезбедни. Сите имаме пациенти кои што се психички нестабилни, пациенти кои се зависници, биполарни растројства. Сакаме безбеден простор и регион за да работиме – изјави претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова.

Но, сознанијата на „Слободен печат“ се дека истражните органи испитуваат повеќе различни можни сценарија за убиството, а дел од нив не се поврзани со пациентите, туку со исклучително лични релации.

Инспекторите прегледале повеќе од 40 камери, вклучувајќи ги и камерите на Безбеден град. Од нив е утврдена маршрутата односно патеката по која се движело возилото на докторот во часовите кои ѝ претходеле на смртта. Од нив е познато дека во возилото лекарот еден период не бил сам.

Службените разговори кои се извршени се со повеќе од 15 лица, и колеги од Поликлиниката и соработници, но и луѓе кои со лекарот се познавале приватно. Се врши дополнителна криминалистичко техничка обработка на возилото во кое беше пронајдено безживотното тело на лекарот. Од тоа ќе стане јасно, дали има ДНК траги од потенцијалниот сторител. Остануваат бројни дилеми, дали сторителот/ите се познавале со докторот и дали влегле во автомобилот насилно или пак со дозвола.

Исто така, клучни во истрагата се и листите на појдовни и дојдовни телефонски повици, кои веќе се обезбедени од страна на полицијата и се анализираат. Истражните органи уверуваат дека истрагата е во напредна фаза. Единицата за насилен криминал во СВР Скопје заедно со Основното Јавно Обвинителство работат интензивно на расветлување на случајот, но без конкретен епилог.

Црвениот крст на Град Скопје каде доктор Трповски бил волонтер, соработник и поддржувач се прости со човекот кој 30 години го носел амблемот на Црвениот крст помагајќи во здравствено превентивните програми.

-Низ годините обучуваше стотици волонтери за значењето и важноста на Првата помош. Ќе биде запаметена неговата смиреност, неговата блага насмевка и пријателство кое безрезервно го нудеше на секого, напишаа од Црвениот крст на град Скопје во последниот поздрав.

Матичниот лекар Ацо Трповски (67) беше убиен минатата недела. Без знаци на живот, со убодни рани по телото, тој беше пронајден во неговиот автомобил паркиран на паркинг во непосредна близина на поликлиниката Железара каде имал приватна ординација. Лекар од итната медицинска помош констатирал смрт. Телото на починатиот го пронашол неговиот син.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот