Сава, сопругата на Лозано на „Фолк-фест Валандово“ додели награда која го носи името на татко ѝ Тони Грачанин: Најгорда сум како мајка на Марко
Сава Грачанин, ќерката на познатиот музичар Тони Грачанин и сопруга на поп-пејачот Лозано на „Фолк-фест Валандово“ ја додели наградата за најдобра музика, која го носи името на нејзиниот покоен татко.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како родена валандовчанка, Сава ни рече дека е горда што е дел од фестивалот, и оти ѝ е жал што не се занимава со музика и покрај тоа што татко ѝ беше легендарен музичар, а сопругот ѝ е еден од нашите најпопуларни поп-пејачи.
Сава со многу емоции зборуваше за спомените од својот татко, но и за синот Марко кој има една и пол година.
Грачанин вели дека израснала опкружена со музика и дека тоа е нејзиниот најсилен спомен од детството.
„Цел живот растев со музика. Татко ми беше човек кој буквално живееше за музика. Немаше приватен и професионален живот, музиката му беше сè. И кога не беше на настап, дома го правеше истото, музиката постојано беше присутна“, раскажа Сава.
Кога станува збор за најдрагите спомени поврзани со него, Сава без двоумење издвои едно оро кое и денес буди силни емоции кај неа.
„Од душа што ми останало, тоа е ‘Валандовско зејтин оро’. Кога ќе го слушнам, а се слуша буквално на секоја веселба, се ежам. Се ежам и сега кога зборувам. Не почнува свадба без тоа оро. Сите негови дела ми се преубави, но тоа ми е најдраго“, ни изјави Грачанин.
Иако е ќерка на еден од најпознатите инструменталисти во Македонија и сопруга на музичар, Сава открива дека никогаш професионално не зачекорила во музичките води.
„За жал, не се занимавам со музика, иако многу сакав да пеам. Дефинитивно сакав“, вели таа.
Сепак, љубовта кон музиката продолжи во семејството. Нивниот син Марко веќе покажува музички афинитети.
„Марко е премузикален. Влече гени од двете страни, но премногу е мал и рано е да се каже. Засега е многу свртен кон музиката, игра и пее“, откри Сава, додавајќи дека за време на фестивалот малиот Марко бил дома со баба му.
Кога на влезот на фестивалот, водителката Снеже Велков ја праша што ја прави најгорда: тоа што е ќерка на Тони Грачанин, сопруга на Влатко Лозаноски или мајка на Марко, таа рече: „Мајка на Марко. Дефинитивно мајка на Марко“.
Тони Грачанин (1964–2015) беше еден од најзначајните македонски инструменталисти на дувачки инструменти, основач и фронтмен на групата „Валандовски свадбари“, која огромна популарност стекна со касетата „Ора за душата“ во 1994 година. Автор е на бројни препознатливи музички дела, меѓу кои „Валандовско зејтин оро“, „Погана“, „Кимово оро“ и „Костадиново оро“, без кои тешко може да се замисли македонска свадба или веселба.
Како виртуоз на кларинет, труба, саксофон и гајда, соработувал со речиси сите позначајни македонски народни пејачи, а повеќе од една деценија живеел и работел во Лондон, каде продолжил активно да музицира. Почина на 19 јуни 2015 година во Лондон, а неговите посмртни останки беа пренесени во родното Валандово.
Неговото име денес продолжува да живее преку музиката, но и преку наградата што на фестивалот во Валандово ја врачи неговата ќерка, како потсетник на богатото музичко наследство што го остави зад себе.


