Сан Сиро како „проклество“: Најтежок пораз дома на Аѕурите во последните 70 години
Култниот стадион „Сан Сиро“ во Милано повторно се покажа како несреќна локација за фудбалската репрезентација на Италија. Аѕурите претрпеа тежок пораз од Норвешка со 1:4, што претставува нивни најубедлив пораз на домашен терен во последните 70 години, пренесува „Фудбал Италија“.
Препорачано
Избраниците на Џенаро Гатузо неславно ги завршија квалификациите за Светското првенство 2026. Иако Италија поведе на полувреме со голот на Пио Еспозито, во продолжение Норвежаните комплетно го презедоа мечот. Фантастичниот Ерлинг Холанд постигна два гола, а во листата на стрелци се запишаа и Антонио Нуса и Јорген Странд Ларсен.
Со оваа победа Норвешка го задржа стопроцентниот учинок во квалификациите и го потврди првото место во групата, со што обезбеди директен пласман на Мундијалот. Италија, пак, ќе мора третпат по ред да оди во бараж – а претходните два пати не успеа да избори учество на големиот турнир.
Овој меч само ја потврди црната статистика на Аѕурите на „Сан Сиро“. Италија има само три победи на последните 13 натпревари одиграни на овој стадион во последните 19 години – што претставува учинок од само 23 проценти.


