Самостојната изложба „Вечнеење“ на Никола Пијанманов е поставена во два салона на КИЦ-Скопје

Плакат за изложбата во Културно-информативниот центар во Скопје

Во ликовните салони „Империјал (1 и 2)“ во Културно-информативниот центар во Скопје на 7 ноември, во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Вечнеење“ на сликарот Никола Пијанманов.

На изложбата „Вечнеење“ се поставени дела од тригодишно истражување за човекот кој чека, изгубен во огромните простори и лавиринти на чудниот, апсурден и тежок макросвет. Човекот заробен во состојба на бесконечното исчекување.

Изложбата ги поврзува една заедничка тема, и во фигуративните слики и во пејзажните композиции. Тоа е осаменоста и кревкоста на поединецот, човекот во распаѓање и слободен пад – човекот клекнат пред ѕидот и машината на суровиот либерален свет, кој ја гази човечката слобода и личност повеќе од било кои времиња во историјата.

Тука се додава бесконечното чекање на човекот во бескрајните транзиции на корумпирани општества и системи. Слабиот човек душевно и телесно заробен во чекалниците на Европа, напуштените предели, села и населби, оттуѓените семејства и епидемијата на разделби. Контрастот и единствениот излез е претставата на човечката фигура во чудесните предели на восхитувачката природа. Во тоа опкружување сликите добиваат мистично и екстатично значење.

– Сето ова наведува на една друга размисла, а тоа е гледањето на уметноста низ призма на уметникот, а не како чисто ликовен елемент. Она што навистина воодушевува во неговото поново творештво е тоа што е апсолутно очигледно дека Никола не слика, туку го живее сликањето. За него сликањето не е само процес, туку и начин на живеење, начин на размислување, приближување и оддалечување, нешто во коешто тој не само што ги предава нештата, ами се предава и самиот себеси, односно и тој станува дел од сопствената уметност. Ова би можело да се противоположи на тетоважите – доколку тетовирањето е сликарство на кожата на човекот, сликите на Пијанманов претставуваат платна со човечки елементи – напиша рецензентот Емил Ниами во текстот за каталогот на изложбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот