Поларна мечка / Фото: Profimedia

Сакате да видите поларни мечки одблизу? Мало село на Алјаска повторно ги отвора вратите за туристи

Малото село Кактовик, сместено во рамките на Националниот арктички резерват за диви животни, повторно размислува за оживување на туризмот поврзан со набљудување на поларни мечки, но овојпат со построги правила за заштита на заедницата и животните, пишува „Асошиејтед прес“.

Некогаш, ова оддалечено место привлекувало и до 1.000 посетители годишно, кои доаѓале да ги видат поларните мечки во нивното природно живеалиште, феномен познат како „туризам на последна шанса“, односно можност да се сведочат природни чуда пред да исчезнат поради климатските промени.

Сепак, пандемијата на ковид-19, како и одлуката на американските власти да ги забранат турите со чамци за набљудување на мечките, доведоа до речиси целосен застој на туризмот во селото.

Локалните власти сега гледаат нова можност за економски развој, но со внимателен пристап.

„Гледаме придобивки од туризмот, но тој не може да функционира како порано“, изјави Чарлс Лемп.

Поларна мечка / Фото: Profimedia

Во минатото, жителите се жалеа на преголем број туристи кои не го почитувале нивниот приватен простор – шетале низ дворови, ги фотографирале без дозвола и го нарушувале секојдневието. Дополнително, масовниот прилив создавал проблеми со транспортот, па локалното население понекогаш немало место во малите авиони што ги поврзуваат со поголемите градови.

Особено загрижувачко било влијанието врз поларните мечки. Поради честото присуство на луѓе, животните почнале да се навикнуваат на нив, што довело до зголемен број опасни ситуации. Во периодот на најголем туристички бум, локалните служби биле принудени да убиваат неколку мечки годишно заради безбедност, што претходно било реткост.

Во 2021 година, турите со чамци беа официјално прекинати поради загриженост дека туризмот го нарушува однесувањето на животните и ја загрозува безбедноста на заедницата.

Сега, лидерите на домородните заедници водат разговори со Американската служба за риби и диви животни со цел да се воспостават нови правила и да се овозможи контролирано враќање на туризмот, можеби веќе од 2027 година.

Меѓу предложените мерки е ограничување на времето што туристичките чамци можат да го поминат во близина на мечките, со цел да се спречи нивно привикнување на луѓето.

Дополнително, се разгледува и концепт на подолги, организирани посети од два до три дена, кои би им овозможиле на туристите подобро да ја разберат културата и начинот на живот на локалното население, наместо кратки и масовни тури.

„Недела на дебелите мечки“ започна во Алјаска: Победник ќе биде онаа што јадела најмногу лосос

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот