Сакам да ја сведам американската парична помош за израелската армија на нула, тврди Нетанјаху
Израелскиот премиер најави продлабочување на тајните сојузи со арапските држави кои, според него, „сега го гледаат Израел како единствена сигурна брана против иранската хегемонија“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху планира постепено да го прекине долгогодишното потпирање на американските воени фондови. Во разговор за „Си-би-ес“, тој појасни дека целта е во рок од десет години Израел да постигне финансиска самостојност, додека истовремено гради поцврсти стратешки партнерства со арапските земји од Заливот.
Препорачано
Крај на американската воена помош?
Премиерот најави целосно редефинирање на финансиските односи со САД. Израел, кој во моментов добива 3,8 милијарди долари годишно во воена помош, според Нетанјаху, треба да стане финансиски независен.
– Му го кажав тоа на (американскиот претседател Доналд) Трамп. Сакам да ја сведам американската финансиска поддршка на нула. Добиваме 3,8 милијарди долари годишно и мислам дека е време да се одвикнеме од тоа. Сакам да почнам сега и да го завршиме процесот во следните десет години – откри тој.
Овој потег, кој според него ги оставил неговите соработници со „отворени усти“, се толкува како обид за стекнување на целосна стратешка автономија во моменти кога американското јавно мислење станува сè покритично кон Израел.
Соочен со податоците дека 60 отсто од Американците имаат неповолно мислење за Израел поради војната во Газа, каде бројот на жртви надмина 70.000, Нетанјаху вината ја насочи кон социјалните мрежи. Тој овој дигитален простор го нарече „осми фронт“ на војната, тврдејќи дека непријателските режими манипулираат со алгоритмите за да го оцрнат Израел.
„Продлабочување на сојузот со арапските земји“
Израелскиот премиер најави и продлабочување на тајните сојузи со арапските држави кои, според него, „сега го гледаат Израел како единствена сигурна брана против иранската хегемонија“.
Што се однесува до Кина, премиерот потврди дека Пекинг обезбедува одредена воена поддршка за Иран, особено во компоненти за ракети, што ќе биде клучна тема на претстојниот самит Трамп-Си во Пекинг.
„Физичко отстранување на нуклеарната закана“
Централниот дел од разговорот беше посветен на иранскиот нуклеарен арсенал.
Нетанјаху тврди дека никакво дипломатско примирје не е прифатливо доколку збогатениот ураниум остане на иранско тло. На прашањето како планира да го реши ова прашање, тој изјави: „Влегувате и го земате“.
Премиерот откри дека во разговорите со претседателот Доналд Трамп, американскиот лидер изразил подготвеност за таква акција.
– Тоа може да се направи физички. Тоа не е проблем. Со договор е најдобро, но ако нема договор… ќе го избегнам одговорот за воените планови – изјави Нетанјаху, одбивајќи да даде прецизен временски рок, но означувајќи ја мисијата како „судбински важна“.
„Нема отстапки за Либан и за Газа“
Нетанјаху верува дека колапсот на режимот во Техеран би значел и моментален крај на Хезболах, Хамас и на Хутите. Тој не ја исклучи можноста за соборување на режимот, иако призна дека тоа не е загарантирано.
За Либан, ставот останува цврст, прекинот на огнот со Иран не важи и за Хезболах. Израел стравува дека иранското влијание ќе го користи Либан како трајна база за уцени. Што се однесува до Газа, премиерот инсистира на „демилитаризација, дерадикализација и разоружување на Хамас“.
Нетанјаху не ја исклучува можноста Израел сам да ја спроведе демилитаризацијата доколку меѓународната заедница не понуди алтернатива.
Бројот на загинати во израелската агресија врз Газа се искачи на 72.737 лица
Бројот на загинати во тековната израелска агресија врз Појасот Газа од октомври 2023 година се искачи на 72.737, додека 172.539 луѓе се повредени.
Локалните здравствени власти вчера известија дека болниците во Појасот Газа примиле еден загинат и четворица повредени во изминатите 24 часа како резултат на тековната израелска офанзива.
Тие додадоа дека одреден број жртви и понатаму се заробени под урнатините и на улиците, бидејќи екипите за итна помош и цивилна заштита не се во можност да стигнат до нив поради тешката состојба на теренот.
Изворите истакнаа и дека од прекинот на огнот на 11 октомври, вкупниот број на смртни случаи достигнал 851, додека бројот на повредени изнесува 2.437, покрај 770 тела кои биле извлечени од урнатините.


