„Сакаат да го направат жртвено јагне“: Тетовци се обединуваат во поддршка на д-р Бобан Вучевски, обвинет во случајот со пожарот во модуларната болница

Фото: Фејсбук

Стотици граѓани од Тетово, но и од Скопје и други градови и места во земјава, на социјалните мрежи се приклучуваат кон поддршката за д-р Бобан Вучевски, кој е меѓу обвинетите за трагичниот пожар во модуларната ковид-болница лани во септември.

Граѓаните истакнуваат дека се работи за доктор со беспрекорна грижа за пациентите, пожртвуван професионалец кој целата пандемија ја помина со болните од ковид, спасувајќи безброј животи. Тетовци обвинуваат дека моќници во судско-политичка спрега се обидуваат да направат „жртвено јагне“ од д-р Вучевски, кој според нив е неосновано и неправедно обвинет.

Страницата на која граѓаните ги искажуваат своите искуства од лекувањето во тетовскиот ковид-центар од страна на д-р Вучевски бележи десетици коментари во кои се искажуваат суперлативи за неговите „натчовечки напори“ во пандемијата.

„Тој д-р Боби го запостави семејството, децата, служејќи му на народот, присутен по 24 часа во болница со безброј визити од глава на глава на пациентите, анализи на крв, сатурации кислороди и не знам што се друго. Одговарајќи на секого на телефон со смиреност и посветеност за и околу лечењето на било кој пациент. Тој беше ангажиран да ние персоналот бидеме безбедни и покриени со материјали, храна и вода од страна на самоволни донатори што ни ја носеа, а се што нему му даваа како благодарност тој го оставаше на маса. На Боби треба да му се даде плакета за пожртвуваност и храброст, а не да се суди за било што“, напиша на Фејсбук Јовица Ефкоски, колега на д-р Вучевски од медицинскиот персонал во Тетово.

За петок во тетовскиот Основен суд е закажано рочиште од судењето за трагедијата во модуларната ковид-болница, која се случи лани на 8 септември, кога загинаа 14 луѓе. Покрај д-р Вучевски, во случајот се обвинети и директорите на Клиничката болница, Флорин Бесими и Артан Етеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот