Косовска војска / Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

САД подготвуваат нов пакет воена опрема за Косово вреден над 14 милиони долари

Американскиот Стејт департмент го известил Конгресот за предложена дозвола за извоз на воена опрема, технички податоци и одбранбени услуги за Косово во вредност од најмалку 14 милиони долари, пренесе „Радио Слободна Европа“.

Известувањето било доставено до Комитетот за надворешни работи на Сенатот во согласност со американскиот Закон за контрола на извозот на оружје. Засега не се објавени детали за тоа каква опрема или услуги би добило Косово. Министерството за одбрана во Приштина не одговорило на барањата за дополнителни информации.

Најавата доаѓа во период кога американски конгресмени повторно бараат Вашингтон поотворено да го поддржи членството на Косово во НАТО.

Вучиќ: Ќе се бориме против интеграцијата на Косово во НАТО

Косово и претходно набавуваше американска воена опрема. Во февруари 2025 година доби дронови купени од САД, а неколку месеци подоцна и оклопни возила. Во текот на 2024 година Приштина поднесе барање за набавка на 200 противтенковски ракети „Џавелин“.

Уште во 2018 година Косово потпиша договор со американската компанија АМ Генерал за набавка на 51 возило „Хамви“, а подоцна доби и дополнителни оклопни возила и 55 АСВ возила донирани од американската влада.

Безбедносните сили на Косово веќе неколку години се во процес на трансформација во армија, процес што започна во 2018 година и треба да трае една деценија.

САД од почеток ја поддржуваат трансформацијата, за разлика од НАТО, кој официјално инсистира косовските сили да останат во рамки на својот првичен мандат поврзан со цивилна заштита и кризни операции.

Во меѓувреме, косовските безбедносни сили се подготвуваат и за можна улога во меѓународните стабилизациски сили за Газа, како дел од мировниот план предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот