Гулаби-шпиони како „биодронови“: Руска компанија разви систем за далечинско управување со цели јата птици
Една руска компанија претстави нови „гулаби шпиони“ со кои може да се управува далечински преку мозочни импланти. Московската невротехнолошка фирма „Неири“ на својата веб-страница објави дека може по желба да насочува цели јата птици, кои ги нарекува „биодронови“, пренесува „Еуроњуз“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Станува збор за специјално обучени гулаби (PJN-1), во чиј мозок хируршки се вградуваат чипови што им овозможуваат на операторите да ги контролираат нивните траси на летање.
Птиците може да се управуваат во реално време, а операторот им испраќа команди преку стимулирање на одредени региони од мозокот. Така, гулабот „верува дека сака да лета“ во зададениот правец, велат од компанијата, чиј проект е финансиран од рускиот државен фонд NTI.
Процедурата подразбира вметнување електроди во мозокот со милиметарска прецизност, а птиците потоа носат минијатурни соларни „ранчиња“ со вградена електроника, GPS и приемник кој испраќа сигнали до имплантот.
Од „Неири“ тврдат дека „обука не е потребна“, и дека секоја птица може да се контролира веднаш по операцијата. Нивните „биодронови“ наводно можат да прелетуваат и до 500 километри дневно, односно повеќе од 3.000 километри неделно.
„Системот моментално функционира со гулаби, но секоја птица може да биде носач. За потешки задачи планираме гаврани, за надзор на брегот галеби, а за огромни морски области — албатроси“, изјави основачот на компанијата Александар Панов.
Иако фирмата тврди дека се стреми кон „100 отсто преживување“, не објави колку птици угинале за време или по инвазивната процедура.
Оваа технологија за управување со јата, која официјално се промовира како средство за „надзор и заштита на чувствителни објекти“, би можела да има и воени или разузнавачки примени, наведуваат од компанијата.
Гулабите како најуспешните животински шпиони низ историјата
Гулабите со векови им служеле на луѓето. Дури и Џингис Кан и Наполеон ги користеле нивните услуги како писмоносци.
Иако најчесто носеле писма закачени во мали „торбички“, во 1907 година германскиот пронаоѓач Јулиус Нојбронер прв ги опремил со минијатурни камери — систем кој подоцна го користеле и многу армии.
Најпознатиот гулаб шпион е „Шер Ами“ („Драг Пријател“), кој спасил 194 американски војници во Франција во 1918 година, иако бил сериозно ранет. По Првата светска војна бил одликуван со Францускиот воен крст, а во 2019 година постхумно ја доби и Американската медала за храброст.
Русија и животните во шпиунски мисии
Русите со децении одат најдалеку во тренирањето животни за разузнавачки задачи, а еден од најпознатите случаи е белугата Хвалдимир.
Иако Кремљ никогаш не потврди дека е нивен „агент“, одамна е познато дека во времето на Студената војна обучувале белуги и делфини за откривање мини, наоѓање опрема и навигациска помош. Во 2019 година се појавија и сателитски снимки за кои се верува дека прикажуваат центри за тренинг на морски животни во Оленја залив.


