Русија има свои неофицијални разузнавачи и во Македонија – Постои ли закана од политички потрес пред влезот во НАТО?

Фото: Архива

Шпионските афери поврзани со Русија кои периодов ги потресоа нашите соседи Бугарија и Србија, го наметнуваат прашањето, какво е присуството и дејствувањето на руските разузнавачки служби во Македонија. Постои ли закана руските служби да предизвикаат политички потрес во земјава во период кога сме пред портата на НАТО? Експертите по безбедност кои ги контактираше „Слободен печат“ велат дека присуството и дејствувањето на руските разузнавачки служби во Македонија е реалност. Но, нивното дејствување во голем број е пасивизирано во последните две години. Причината за тоа е активното и професионално-тајно дејствување на македонските служби за безбедност и поддршката во дејствувањата која тие ја имаат од нивните колегите од ЕУ и САД.

Според експертите, евентуалниот обид на руските служби (ФСБ или припадници на Првиот директорат на ГРУ) да издејствуваат политички потрес во Македонија веќе е минато. Земјава ја очекува уште одлуката на Шпанија за да се активира формалното членство во НАТО. Нивни безбедњаци веќе се во секојдневна соработка со македонските колеги. И да има обид каков што е тој во Србија, ќе има незначителен ефект, сметаат нашите соговорници.

Тие нагласуваат дека Македонија од поодамна е „сардисана“ од западни разузнавачки служби кои го следат секое евентуално пенетрирање на руска или кинеска служба, не само во земјава, туку и во соседството, и се трудат тоа да го неутрализираат.

Според нив, една од предностите што ги нуди „чадорот“ на НАТО е и размената на информации и соработката на службите за безбедност на релација Македонија – земји од НАТО и обратно. Нагласуваат дека најдобрата соработка македонските служби ја имаат со разузнавачките служби на САД.

– Последните пет години, од тоа што е јавно познато, може да се регистрираат за брзо време низа разоткриени активности на руските служби за безбедност и нејзини агенти. По дел од нив се распишани и потерници преку Интерпол. Ова што се случува во соседна Србија е само рефлексија на тајната војна на разузнавачаките служби во која руската военобезбедносна служба позната под кратенката ГРУ е повторно жртва. Српската тајна афера е дело на тајна служба. Тоа се воочува од самата видео снимка. Служба со тајна камера инсталирана во возилото на српскиот државјанин во ретровизорот тајно го снимала секој негов потег. Рускиот разузнавач од летоска не е во Србија. Некоја велесила во тој разузнавачки „бизнис“ им праќа порака на двете земји (Србија и Русија) дека сите нивни службеници ги знае и се пазат нивните активности. Сите обиди на официјална Москва преку нејзините разузнавачки служби да се наметне во одредена земја која е членка или блиска со НАТО завршува со афера во која руската држава треба да се правда – вели професорот по безбедност Синиша Трајковски.

Борбата на големите разузнавачките служби на Балканот полека се намалува, а интересот на Русија за овој регион останува само работа на сентименталност откако сите земји, вклучувајќи го и Косово, се ориентираа проевропски, а се, или наскоро ќе бидат дел од северноатланската Алијанса, вели безбедњакот Благоја Поповски.

– Русија од поодамна го има изгубено своето влијание во регионот. Последните силни потези, односно разузнавачко влијание, го имаше во време додека во соседна Србија на власт беше Милошевиќ. Во изминатава декада, нејзината моќ на Балканот е во надолна линија. Нејзините разузнавачки активности се одвиваат во сферата на влијание преку граѓански здруженија, руски инвестиции и негување на односите со поединци и групи кои имаат проруска линија. Од професионална гледна точка, Русија има свои неофицијални разузнавачи во земјава, и можно е и кај нас нели некој медиум да објави тајна снимка на некој руски агент со македонски државјанин. Но, да бидам искрен, ако таква релација постоела или постои за да предизвика потрес ќе мора да е вмешана личност од висока позиција на актуелната власт или од врвот на сегашната опозиција, оти после „бомбите“ секоја друга вмешаност на личност од трет или четврти политички ред на моќ и влијание во земјава ќе се смета за „шега за еднократна употреба“ – вели Поповски.

Два дена по избивањето на руско-српската шпионска афера, одважно се огласи официјална Москва.

– Односите со Србија се партнерски и од братски карактер. Ништо не може да влијае на тоа – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во врска со истрагата за снимката на која се гледа како руски разузнавач наводно му дава пари на српски агент и нагласи дека Русија не знае за каков инцидент станува збор и дека тоа допрва треба да биде утврдено.

Додека трае српско-руска шпионска афера во која е вмешана руската воена служба ГРУ, граѓаните на Балканот се сеќаваат дека во 2016 година имаше вмешаност на ГРУ во подготовките за воен удар во Црна Гора пред нејзиното членство во НАТО, а една година претходно изби скандалот со офицерот на ГРУ, Денис Вјачеславич Сергеев (користејќи го алијасот Сергеј Вјачеславич Федотов), кој беше прогласен за виновен за труењето на бугарскиот бизнисмен Емилијан Гебрев, настан кој се случи во Софија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот