Руси кои бегаат од мобилизацијата на Путин пристигнаа во Белград: „Тој е убиец кој нѐ тера во конфликт што не го сакаме“
Поголема група руски државјани попладнево слетаа на аеродромот во Белград. Тие велат дека побегнале од војната и од мобилизацијата што утринава ја најави претседателот Владимир Путин. Русите за Нова.рс велат дека се исплашени, како и дека Путин е „убиец кој ги тера во конфликт што не го сакаат“. Низ солзи велат дека се плашат за своите семејства и дека во Белград ќе бидат со роднини, пријатели или членови на семејството кои претходно веќе дошле во Србија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Многумина од групата во страв не сакаа да зборуваат пред камерите, обидувајќи се да ја остават војната зад себе и конечно да бидат безбедни, пишува Нова.рс. Има и такви кои ги споделија своите искуства во врска со актуелната криза во Москва и дадоа објаснувања зошто платиле билети и се упатиле кон Белград.
„Мојот сопруг остана во Русија. Многумина мои пријатели добија повик за мобилизација. Мои колеги и млади луѓе воопшто“, вели таа.
Поканите за воена служба, според нејзиното сведочење, пристигнувале на домашните адреси на мобилизираните и пред денешната објава на Путин, а иако властите тврделе дека нема да се повикуваат млади луѓе, токму младите добивале повици за упатување на фронтот.
„Мојот брат е пред Изјум. Го регрутираа, иако има 20 години. Тој веќе трет месец војува во Изјум. Тој отиде во војна на 29 јуни и беше во Изјум и Харков. Не верувајте во сѐ што се кажува од Русија“, вели Јулија.
Друга жена, Ирина, вели дека таа и нејзиниот сопруг допатувале од Москва за да бидат безбедни.
„Многу сум исплашена за моето семејство и пријателите, се разбира и за сопствената безбедност. Пред некое време и ќерка ми дојде во Белград. Сега јас и мојот сопруг дојдовме за да бидеме сигурни. Сакаме да останеме овде“, вели Ирина низ солзи, додавајќи дека е многу тажна и дека не разбира зошто се случила војната во Украина.
Веста за мобилизацијата доведе до нагло поскапување на авиобилетите од Москва кон Србија и Турција – единствените европски земји со кои Русија во моментов има активен авиосообраќај. Речиси и да нема слободно место на овие летови во следните неколку недели, а цените за билет во еден правец достигнуваат и до 3.000 евра.


