Рубин Земон се повлече од извршниот одбор на СДСМ по спорните изјави за Гоце Делчев
Поранешниот пратеник и советник на премиерот, Рубин Земон, вечерва соопшти дека поднел оставка на местото член на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), откако на оваа функција беше избран пред само два месеца.
Препорачано
Потегот на Земон доаѓа откако тој предизвика негативни реакции во јавноста со коментарите за Гоце Делчев, дадени во поткаст, кога меѓу другото рече дека „Гоце Делчев ништо не напишал во животот, ниедна битка не извојувал никаде, а кај нас од него е направен мит“. Тој подоцна се извини и рече дека бил погрешно разбран.
Земон сега на „Фејсбук“ напиша дека оставката ја поднесува „за да го заштити угледот на СДСМ“.
„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципелните напади кон мене, а со тоа не бирајќи средства да го инволвираат и моето семејство, а со цел да не бидам товар на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член ИО на СДСМ“, напиша Земон.
Претходно, Бугаринот Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата „Македонија“, кој има доживотна забрана за влез во Македонија, објави на Фејсбук фотографија и информација за средба со Земон во Софија.
„На неофицијална средба со Рубин Земон, дел од раководството на опозицискиот СДСМ и претставник на Египќаните во Македонија. На режимот на Мицкоски ќе му се спротивстават мнозинството граѓани на државата, а ние од Европската унија ќе им дадеме поддршка: во име на европската иднина на Македонија и децата таму“, напиша Стојанов во објавата, која за кратко време беше избришана, но дел од медиумите ја снимија и објавија за неа.
Земон рече дека средбата со луѓето од фондацијата била случајна, а тој отпрво не знаел за кои луѓе станува збор.
„Со мојот син седевме во трговски центар во Софија кога ми пријдоа луѓето, ми кажаа дека ме препознале кој сум и прашаа дали може да седнат со нас на кафе и да направат фотографија. Првично не знаев дека станува збор за луѓе од фондацијата. Кратко поразговаравме за случувањата во двете земји и тоа беше сѐ“, објави тој.
Земон беше „посебен советник за развој на мултикултурно општество“ во кабинетот на поранешниот премиер Зоран Заев, а во 2019 година, од советничката позиција во Владата, влезе во Собранието како пратеник (заменувајќи го Томислав Тунтев), со што стана првиот петнички Египќанец кој бил народен избраник.
Жерновски ќе биде врската на СДСМ со светот, партијата oбјави и други кадровски освежувања


