Јиржи Хајичек припаѓа на редот на најзначајните современи чешки писатели

Романот „Змеј на селскиот пат“ од чешкиот писател Јиржи Хајичек е објавен во издание на „Славика либрис“

Најновото издание на ИК „Славика либрис“ од Скопје е најновиот роман на чешкиот писател Јиржи Хајичек – „Змеј на селскиот пат“, во превод на Јасминка Делова-Силјанова. Авторот Јиржи Хајичек оваа година ќе биде гостин на Саемот на книга, каде ќе има авторска средба со читателите на 25 април во Промо-центарот на Саемот.

Романот „Змеј на селскиот пат“ е современа драма од селото под притисок на големиот бизнис. Кристина се враќа од Прага во Нови Лхотец со една проста желба: да си ги среди работите со семејството и конечно да остави нешто зад себе. Таму го наоѓа Томаш, човек што цел живот е врзан за локалното стопанство, осамен, уморен, но тврдоглаво решен да спаси барем нешто: една запуштена зграда на плоштадот, и можеби сопствениот мир. Меѓу нив се раѓа надеж, па се судираат: град и село, различни навики, различни вистини. А потоа во селото стигнуваат црни автомобили. Млади луѓе во костуми тропаат од врата до врата и нудат пари за акциите на стопанството. „Змејовите“ на големиот бизнис се нафрлаат врз земјоделските стопанства и селскиот живот повторно се менува, но луѓето остануваат исти.

Јиржи Хајичек е роден на 11 септември 1967 година во Ческе Будјовице, градот што и денес останува негов дом и неисцрпен извор на инспирација. Започнал како поет, а подоцна се посветил на прозата, во која ќе изгради препознатлив, тивок, но длабоко емотивен стил. Досега има објавено три збирки раскази и повеќе романи. Двократен добитник е на најпрестижната чешка книжевна награда „Магнезија литера“ за романите „Селски барок“ (2005) и „Рибја крв“ (2012). Романот „Повикувач на дожд“ (2016), кој се навраќа на руралниот свет на Јужна Чешка, беше прогласен за Книга на годината во традиционалната литературна анкета на весникот „Lidové noviny“.

Јиржи Хајичек припаѓа на редот на најзначајните современи чешки писатели. Неговите книги се преведени на англиски, германски, италијански, македонски, полски и други јазици, што сведочи за нивната универзалност и топол прием кај читателите. На македонски јазик е преведена и неговата книга „Едрилица на етикети“.

Во 2016 година премиерно беше прикажан филмот снимен според романот „Крадците на зелени коњи“, а сите негови романи добија и свои театарски адаптации, поставени на сцените во Ческе Будјовице и во Прага. Со неговото најново книжевно остварување „Змеј на селскиот пат“ уште еднаш ја потврдува својата посебна чувствителност кон малите човечки судбини и тивките драми на секојдневието.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 329, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот