Фото: Wikipedia

На денешен пред 60 години почина еден од најзначајните македонски романописци, творецот на „Крпен живот“, Стале Попов

Стале Попов е роден на 25 мај 1902 во село Мелница, Мариово. Тој е еден од најпознатите македонски писатели и романописци.

Тој е роден како едно од петте деца на манастирскиот слуга Илија Сталев. Тој рано останал без својата мајка, а починале уште две деца од семејството, а тие се преселиле во Витолиште. Тука, Стале го минал детството, години исполнети со тежок живот и многу мечти за поубава иднина при што помагал во домашните работи, одел по дрва во блиските планини, а во слободното време со другарите ловел риби во блиските реки. Исто така, во селото го започнал образованието кај учителот Бино, кого подоцна често ќе го споменува во неговите дела.

Богословија завршил во Битола. Потоа го завршил теолошкиот факултет во Белград, каде го затекнала Втората светска војна.

Се вратил во Македонија, каде за време на војната се поврзал со народноослободителното движење и зазел раководни места.

По војната дошол во Скопје и работел како професор по македонски јазик, на која должност и се пензионирал.

Стале Попов започнал многу рано да пишува, но како писател се оформил непосредно по Втората светска војна. Првите раскази „Мице Касапче“ и „Петре Андов“ ги објавил во списанието „Современост“. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман „Крпен живот“ (1953) чиј втор дел излегол во 1954 година.

Веднаш потоа напишал низа дела и станал еден од најплодните романописци и раскажувачи во македонската книжевност. Во 1953 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија.

Тој е автор и на следниве дела: „Итар Пејо“ (раскази, 1955), „Толе Паша“ (роман, 1956), „Опасна печалба“ (подолга проза, 1956), „Калеш Анѓа“ (роман, 1958), „Дилбер Стана“ (роман, 1958), „Мариовскиот панаѓур“ (новела, 1961), „Помеѓу небото и земјата“ (раскази, 1963), „Шаќир војвода“ (романсирана биографија, 1966), „Необично дете“ (роман, 1966), „Доктор Орешкоски“ (роман, 1966), „Ловечки приказни“ (во текот на повеќе години). Неговите собрани дела биле објавени во неколку наврати: 1966 (12 тома), 1976 (12 тома) и 1987 (4 тома).

Во спомен на неговото дело, во 1975 година била воспоставена годишната награда „Стале Попов“ која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.

По неуспешното лекување на Интерното одделение на Градската болница во Скопје и во Нишка Бања, Стале Попов почина во Скопје на 10 март 1965 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот