Македонскиот превод на романот излезе на 15 декември во „Или-Или“

Романот „Градинарот и смртта“ од Георги Господинов зборува за тагата, смртноста, семејните врски и наследството што го носиме

Нова книга во „Или-Или“ е „Градинарот и смртта“, интимен и елегичен роман од бугарскиот писател Георги Господинов, во превод на македонски јазик на Душко Крстевски. Преводот на ова дело е поддржан од Националниот фонд за култура на Република Бугарија.

По големиот интернационален успех со романот „Засолниште во времето“, за кој ја добива Интернационалната „Букерова награда“, со „Градинарот и смртта“ Георги Господинов уште повеќе го зацврстува статусот на еден од најзначајните современи европски писатели и, секако, на еден од најнаградуваните и најпреведуваните автори од регионот. Една година од објавувањето во Бугарија овој роман доживува десетици преводи ширум светот и извонреден прием, како од читателите така и од книжевната критика.

„Градинарот и смртта“ е топол, интимен, лиричен, фрагментарен роман-мемоар во кој авторот пишува за тивката љубов што ретко се изговара, но е многу длабока; љубовта меѓу таткото и синот. Романот е болна и нежна медитација за болеста и заминувањето на таткото, човекот чиј живот го одбележале тивката достоинственост, грижата за малите секојдневни работи, љубовта кон земјата и растенијата.

Реченицата со која започнува романот: „Татко ми беше градинар. Сега е градина.“, една од неговите најцитирани реченици, е мисла што ја поставува основната метафора на делото: градината како говор на љубовта што никогаш не била изговорена.

Преку белешки, филозофски размисли и лирски сеќавања, книгата зборува за тагата, смртноста, семејните врски и наследството што го носиме, а фрагментарната структура е обид да се одложи неминовното; писателот талка низ митови, спомени и историја сè до моментот кога мора да го именува крајот, но ја признава немоќта на зборовите пред смртта на родителот. По загубата, светот се дели на „пред“ и „по“, а таткото продолжува да живее во мириси, слики и навидум случајни асоцијации.

Овој краток, но длабок роман е нежна медитација за смртта, татковството и за „ботаниката на тагата“ – уверувањето дека, како растенијата така и љубовта понекогаш умира само за повторно да никне, истакнуваат од „Или-Или“.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“ („Темплум“, „Или-Или“), збирките раскази „И други приказни“ („Темплум“, „Или-Или“), „И сè стана месечина“ („Или-Или“) и „Сите наши тела“ („Или-Или“), поетските збирки „Балади и распади“ („Блесок“) и „Таму каде што не сме“ („Или-Или“), книгата за деца во коавторство со неговата ќерка Раја, „Свадби на животни и нешта“ („Или-Или“) и неговите најуспешни романи „Физика на тагата“ („Или-Или“) и „Засолниште во времето“ („Или-Или“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот