Романот „Фантомско стапало“ на Блаже Миневски ќе излезе на руски и на бугарски јазик

Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски, објавен минатата година од „Матица македонска“ во Скопје, се преведува на руски и на бугарски јазик во Москва и во Софија. Рускиот превод на романот за издавачката куќа „Рудомино“ го работи Олга Панкина, а бугарскиот за книгоиздателството „Изида“ го прави Маријан Петров.

Во најавата за преводите, меѓу другото, стои дека приказната во романот се случува во време кога целиот свет е наш, а всушност, ништо не е наше, па луѓето повеќе живеат во она што го немаат одошто во она што го имаат.

Kористејќи оригинална стратегија на фантомски заплети и пресврти, авторот гради фасцинантна наративна структура што може да се нарече „фантомска реалност“, која се „исчитува“ на повеќе нивоа. Притоа, посебно фасцинантен е раскажувачкиот слој, кој е препуштен на предметите и на вегетативно-минералниот свет, со кој приказната раскажана одвнатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот таков каков што тој нѐ помни, а ние сме го заборавиле. Станува збор за маестрален роман, почнувајќи од лексичката свежина, преку мајсторските слики, сѐ до начинот на кој се води приказната, стои во најавите на издавачките куќи.

Во меѓувреме, „Матица македонска“ од Скопје веќе го подготвува второто издание на романот, како дел од проектот „Избрани дела“ на Блаже Миневски во пет тома.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 103, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот