1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Родителите ќе одлучуваат кои барања ќе ги испратат до МОН, но за нив едно е јасно – Учебници мора да има!

Фејсбук групата „Учебници и настава мора да има!“, формирана од родителите кои се против воведувањето на дигиталните учебници, за неполни два дена има 47.000 членови, а тие веќе подготвуваат и состанок на кој ќе му ги претстават на МОН своите барања.

– Иницијативата почна со тоа што веќе е оформена онлајн петиција. Моментално сме во контакт со стручни лица со кои треба да седнеме на состанок со цел да се разгледаат проблемите, да се дадат идеи и предлози кои ќе се разгледаат, како би се донеле конечни барања кои ќе ги доставиме до МОН. На состанокот ќе присуствуваат: доктор по семејна медицина, психолог, педагог, наставници, професори, родител, социјален работник, правник, претставник од здружение за заштита на детските права, професор од Педагошки факултет, претставник од сојуз на средношколци како и претставник од здружение на деца со попреченост – вели Драгана Спасеска за „Слободен печат“, која е дипломиран воспитувач, а воедно и креатор на оваа група.

Таа вели дека доколку МОН не ги услиши нивните барања, иницијативата ќе продолжи со пунктови во повеќе градови ширум земјава.

По одлуката на Владата за електронски учебници, родителите реагираат: Наместо бесплатни книги, сега ќе даваме пари за принтани

– Доколку се нема слух, ќе одиме и со петиција и пунктови низ сите градови во Македонија и било каков следен чекор се додека не донесеме промени во образовниот систем. Ова што ние го правиме, консултација со стручни лица од сите области поврзани со деца и детска заштита, треба да го прави Министерството пред секоја одлука што сака да ја донесе. Меѓутоа, за жал, тие не се консултираат ниту со наставници, ниту со родители, ниту со издавачи, ниту со автори, и затоа се јави овој проблем кој сега сите треба да го сносиме – објаснува Спасевска, додавајќи дека иако конечните барања треба да се формулираат, едно од нив е јасно дефинирано.

– Првичното барање е јасно: Учебници да има! Без учебник ќе тонат децата, ќе тоне образованието, а и ние ќе тонеме со нив. Наше мислење е дека ова е крајна фаза да застанеме во заштита на децата и нивното образование – заклучува Спасеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот