Роденденската забава од сопругата може да биде „нокаутот“ за Џонсон

Борис и Кери Џонсон/ Фото EPA-EFE/John Sibley /

Британскиот премиер Борис Џонсон се соочува со нов притисок и гнев од британскиот народ, откако медиумите пренесоа дека неговата сопруга му приредила роденденска забава за време на локдаунот.

Су Греј, вишиот државен службеник која ги води постапките околу забавите на Даунинг Стрит, се очекува да даде покритични препораки до судот, откако се дозна дека Кери Џонсон, сопругата на Борис, му приредила роденденска забава на нејзиниот сопруг со дури 30 гости, пишува Гардијан.

Британски ИТВ соопшти дека британскиот премиер учествувал на забавата во неговиот кабинет за неговиот 56-ти роденден. Тој претходно се бранеше, велејќи дека таквите собири биле само од членови од потесниот круг на партијата, кои секако работат секојдневно заедно. Но, потоа се дозна дека на таквите забави присуствувале и други луѓе, како на пример дизајнерката Лулу Литл, која воопшто не е член на тимот на Џонсон од Даунинг Стрит. Роденденската забава наводно траела половина час.

Роденденот на Борис Џонсон/ Фото ROTA / Camerapress / Profimedia

Притисокот врз Џонсон никогаш поголем

Џонсон во изминатиов период неколку пати беше предупреден дека може да ја загуби својата функција доколку ваквите обвинувања продолжат да се појавуваат.

Синоќа пратениците на британскиот Парламент беа гневни откако се дозна информацијата за роденденската забава за време на локдаунот.

Ова е уште еден голем удар за Џонсон. Имајќи ги во предвид истрагите на Греј кои се уште не се целосно готови, ова може да биде конечниот „нокаут“ за премиерот.

Конзервативците веќе побараа оставка на премиерот, но тој нема намера за таква одлука, барем не засега, пишува Ројтерс.

Сè е во рацете на Су Греј

Откако Греј ќе ја соопшти конечната истрага, се очекува да се донесе и конечна одлука за иднината на Џонсон.

Гардијан пишува дека Лабуристичката партија, главната опозиција во Британија, се обидува да ја притисне Греј во нејзиното објавување, сигурни дека во таа истрага има доволно факти за оставка на Џонсон и промена на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот