РК Алкалоид триумфираше во скопската пресметка против Тинекс Пролет

фото: rkprolet.mk

Екипата на Алкалоид славеше денеска против Тинекс Пролет со 28:23 во „Автокоманда“ во рамките од осмото коло во ракометниот плејоф на македонската Суперлига.

Играчите на Александар Јовиќ одиграа одлично во првите 20 минути, но големиот пад пред крајот на првото полувреме го искористи тимот на Кирил Лазаров. Во 19 минута директен картон доби домашниот ракометар Валентин Карасманлакис поради груб старт врз Димковски, при водство на Тинекс Пролет од 9:8. Василевски го постигна својот четврти гол и ја врати предноста на два гола (10:8), но Алкалоид се врати израмнувајќи на 10:10 во 23. минута од мечот.

Проблемите во нападот на Тинекс Пролет се зголемија, повеќе од осум минути беше без постигнат гол, по што домаќинот казни и поведе со 13:10. Иако со ракометар повеќе, Пролет не успеа да ја намали негативата, па Алкалоид постигна два гола со играч помалку и вицепрвакот на одмор замина со позитива од 15:11.

Домашниот состав постигна два гола на стартот од второто полувреме и поведе со најубедливи шест гола предност (17:11). Пролет успеа да се консолидира, Андоновски постигна два гола за неколку минути и ја намали негативата на четири гола (18:14, 19:15). Двајцата тренери во краток период зедоа по еден тајмаут, но ситуацијата на теренот не се промени драматично и разликата се движеше меѓу четири и шест гола. Пред крајот на мечот повторно дојде до пад во концентрацијата на Тинекс Пролет, а Алкалоид го искористи тоа и дојде до високи „плус осум“ (26:18).

За Алкалоид доминираше Дамјан Митев со пет голови, а Ласко Андоновски беше најдобар во таборот на Тинекс Пролет со девет погодоци. На табелата Алкалоид е на третото место со 18 бодови, додека Тинекс Пролет е на шестата позиција со шест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот