Ристовски: Играњето пред четири илјади битолски навивачи за мене претставува уживање, а не притисок

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Борко Ристовски уште еднаш покажа дека и најдобар кога е најпотребно и со неколку одлични интервенции „го носеше“ Вардар до триумф од 23:26 во големото ракометно дерби против Е. Пелистер во Битола и ги стави „црвено-црните“ во пол позиција за титулата.

На три кола до крајот на сезоната има три бода предност пред Е. Пелистер и доколку победи во трите натпревари ќе го „заклучи“ шампионскиот пехар во своите витрини.

Ристовски кој во финишот ги одбрани шутевите на Маџовски и на Граџан и со тоа му овозможи на тимот да дојде до недостижна предност, смета дека Вардар заслужено ќе стигне до нова титула.

– Морам да кажам дека да се игра во ваква атмосфера за мене секогаш било и сè уште е огромна привилегија. Можеби за некого четири или пет илјади битолски навивачи беа притисок, но за мене лично беше едноставно уживање. Мислам дека тоа го реши и самиот меч, ваков вид на натпревар, со огромен набој, не може да игра секој и да се соочи како што треба со ваков притисок. Ние имаме ракометари кои покрај квалитетот имаат и искуство и не подлегнуваат лесно на притисокот што го создаваат навивачите. Мислам дека тоа беше клучот за победата, покрај добрата тактичка поставеност. Кога се ќе се собере и одземе, мислам дека заслужено го добивме овој натпревар и сме на добар пат да ја освоиме титулата. Сега верувам дека сѐ ќе биде полесно и дека ќе можеме да го направиме Вардар како што треба да изгледа за да се натпреварува во Лигата на шампионите. Оптимист сум и верувам дека во следната сезона ќе бидеме уште посилни – вели Ристовски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот