Ристо Јордановски / Фото: Приватна архива

Ристо Јордановски, сомелиер: Св. Трифун не е само црковен спомен, туку жив обичај што пулсира низ македонските лозја

Ристо Јордановски е политиколог по образование, винар по избор и определба и сопственик на еден од ретките вински барови во Скопје – „Ено бар“. Тој е сертифициран сомелиер и самоук енолог, човек кој ја продолжува семејната винска традиција, но и внимателно ја следи економската и општествената реалност на македонското лозарство.

По повод Св. Трифун, тој ни раскажа за значењето на празникот денес. За него, 14 февруари не е само датум, туку почеток на нов циклус.

„Секоја година на 14 февруари, кога лозјата сè уште мируваат под зимското небо, Македонија го одбележува празникот на Свети Трифун – заштитникот на лозарите и винарите. Овој ден не е само црковен спомен, туку жив обичај што пулсира низ тиквешките ридови, по вардарските долини и во секое село каде што лозата е повеќе од култура – таа е фамилија. Со симболично закројување на првите прачки и полевање со вино се испраќа порака дека новиот циклус започнува со надеж, вера и труд“, вели Јордановски.

Фото: Приватна архива

Сомелиерот ни објасни дека празникот отсекогаш бил врзан за заедницата и за луѓето што живеат од лозјата.

„Во македонската традиција, Св. Трифун е чувар на берикетот. Неговото име се повикува кога се бара плодна година, здрав род и добро вино. Но зад ритуалот стои и длабока социјална димензија: лозарството отсекогаш било темел на многу локални заедници низ Македонија. Од него се хранат семејства, се школувале деца, се одржуваат веселби. Празникот ги собира луѓето околу иста трпеза и потсетува дека земјата не е само ресурс, туку и наследство“, раскажува тој.

Фото: Приватна архива

Што се однесува до актуелните состојби, тој смета дека македонското лозарство се соочува со сериозни економски предизвици.

„Нестабилни и ниски откупни цени, зголемени трошоци за производство, климатски ризици и глобална конкуренција ја ставаат под прашање исплатливоста на лозарството како дејност. Многу млади веќе не размислуваат дали да останат на нивите и лозјата. Искрено, бараат друга иднина. Во таков контекст, празникот на Свети Трифун добива уште посилно значење – како симбол на истрајност и потреба за колективна сила“, смета сомелиерот.

Фото: Приватна архива

Јордановски дека токму затоа прославите имаат свое место и денес.

„Славењето не е бегство од реалноста, туку чин на отпор. Со секое закројување на лозата се закројува и стравот дека традицијата ќе згасне. Локалните заедници, земјоделските здруженија и винариите, преку заеднички прослави, манифестации и дегустации ја зајакнуваат солидарноста и меѓусебната поддршка. Таму каде што има заедништво, има и можност за економско обновување“, кажа Јордановски.

Фото: Приватна архива

Што се однесува до правецот во кој се движи македонското винарство, тој вели дека се влегува во нова ера.

„Сортите како вранец и кратошија добиваат современи интерпретации, додека интернационалните сорти се адаптираат на локалниот тероар. Се создава мост меѓу традицијата и модерниот стил на ‘нов свет’ – вина со јасен и различен идентитет, конкурентни за на глобалниот пазар. Токму тука, духот на св. Трифун се чита како инспирација: да се зачува коренот, но да се негува и растот“, вели тој.

Фото: Приватна архива

На крајот, Јордановски го заокружи разговорот со надеж дека македонското вино има иднина.

„Да го чествувтаме Свети Трифун значи да веруваме дека лозата повторно ќе роди, дека трудот нема да биде залуден и дека македонското вино има своја иднина. Празникот нè потсетува дека економскиот просперитет не доаѓа само од бројки и пазари, туку од верата во сопствената земја и заедница.

Запамтете, додека има кој да ја закрои лозата со почит и надеж, ќе има и македонско вино што гордо ќе го манифестира својот печат низ светот – кој континуурано чека и сака да биде изненаден“, кажа сомелиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот