Ристески: Ако сакаат да успеат, македонските филмаџии мора да играат по правилата на европската кинематографија (ВИДЕО)

Новиот македонски игран филм „Снежана на крајот умира“, кој е во фаза на пост-продукција, е еден од осумте селектирани филма во програмата „Work in Progress“ во рамките на индустриската секција на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари. Режисерот и сценарист на филмот, Кристијан Ристески, за „УБ“ на „Слободна ТВ“ вели дека во оваа програма се избираат филмови кои не се целосно завршени но кои имаат потенцијал и уметнички вредности со цел да станат повидливи и добијат шанса да се пробијат до големите фестивали.

-На фестивалите стигнуваат и по 10 илјади апликации, а оваа програмата служи да им се прикажат овие филмови на луѓето што ги донесуваат одлуките во индустријата, најчесто тоа се програмери на фестивали, дистрибутери и на тој начин понатаму тие филмови добиваат шанса да имаат поуспешен живот и фестивалски и да бидат продадени во што повеќе земји. На нашиот филм ова му е петти ваков настан на кој учествува, но најголем досега, првпат на фестивал од А категорија, вели Ристески.

Филмот се снмал мината година на урбани локации во Скопје. „Снежана на крајот умира“ е во продукција на „Вертиго Висуал“, продуцент е Дарко Попов, а главните улоги ги играат: Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Ивица Димитријевиќ, Денис Абдула, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев.

-Филмот е приказна за тоа колку е тешко да се остане нормален, чесен и верен на своите вредности во морално корумпирани средини. Жанровски, се работи за социјална драма, завиткана во амбалажа на апсурдна комедија. Се состои од три приказни за три групи на луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и меѓусебно си влијаат, рече Ристески.

Според него успехот на македонските филмови во последните години се должи на тоа што и авторите и продуцентите, при промоцијата и продукцијата на филмовите се придржуваат до правилата кои важат за целиот европски филмски пазар. Филмот „Снежана на крајот умира“ ќе биде завршен на почетокот на идната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот