Ревизорите утврдиле низа неправилности во Општина Сарај: Базенот издаден под закуп од 25 години без законска постапка
Базенот во Сарај е издаден под закуп без спроведување на законска постапка за долгорочен закуп, доделени се субвенции од околу 488 илјади евра на ЈКП „Сарај“ и ЈП „Акциос“ без донесена програма за субвенционирање, дел од недвижниот имот на општината не е проценет и сметководствено евидентиран, а не се евидентирани ниту капиталните вложувања за 2024 година, во износ од од 2.356 260 евра.
Препорачано
Ова се само дел од неправилностите кои ги евидентирал Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи на Општина Сарај за 2024 година.
Спортско-рекреативниот објект и базен во Сарај издаден е под закуп на период од 25 години, без спроведување на законски пропишаната постапка за долгорочен закуп, каде секој договор за користење/издавање на недвижен имот што надминува 10 години се смета за постапка за трајно отуѓување или долгорочен закуп и за правно валидно издавање на тој имот мора да следи посебна постапка, согласности и дополнителни одобренија – се вели во ревизосркиот извештај.
Општината немала изготвено и доставено до Советот Предлог-план на програмите за развој, а во усвоениот буџет не биле опфатени програмите за јавна чистота, улично осветлување, одржување зеленило, субвенционирање јавни претпријатија, заштита и спасување и родова еднаквост. Не бил изготвен ни годишен извештај за користење на средствата од резервите, а не биле евидентирани ниту побарувањата од комунална такса за користење простор и поставување на витрини пред дуќаните, како и за легализација на бесправно изградени објекти и за уредување на градежно земјиште.
Како што наведуват ревизорите, поради необезбедена документација за извршен технички прием, инфраструктурни објекти како што се канализациона мрежа, системи за одведување и пречистување на отпадни води, за водоснабдување, локални улици и патишта во вредност поголема од 2 милиони евра и покрај тоа што се користат, не биле официјално воведени во употреба и сѐ уште се водат како инвестиции во тек без да се пресметува амортизација.
Утврдени биле недостатоци и во јавните набавки кои се однесуваат на несоодветно дефинирање на предметот, проширување на обемот на договори, технички спецификации, пречекорување на вредносни прагови.
Извршувани се активности пред склучување на договорот за „Зимско одржување на локалните патишта“ во вредност од 4.720 илјади денари со вклучен ДДВ, не се специфицирани барањата и потребите за извршување на услугата, не е назначено лице кое ќе ја следи работата на механизацијата, со цел исплатата да се врши врз основа на потврдени извештаи за извршените работи – се посочува во извештјот.
Ревизорите дале препораки за преземање мерки и активности од надлежните институции и одговорни лица поради надминување на утврдените состојби во финансиските извештаи на Општина Сарај.


