Ревизорите апелираат за ИТЕН избор на главен државен ревизор

фото: Слободен печат

Oколу 50-тина вработени во Државниот завод за ревизија на прес-конференција алармираа дека оваа институција е целосно блокирана со неназначувањето главен државен ревизор, без кого се речиси 2 години, а тука е и неисплатата на плати и годишната програма за работа за 2020 година.

– Доколку не дојде до брз итен избор на главен државен ревизор, ние се соочуваме со законско престанување на нашето работење. Нема да можеме да ја реализираме тековната годишна програма за 2019 година. Исто така не сме во можност да ги исплатиме нашите режиски трошоци, ќе останеме без струја и вода, кои веќе изнесуваат 1.200.000 денари. Веќе се закажани и предвремените парламентарни избори, па така ние нема да можеме да павиме ревизија на изборната кампања – рече Мијалче Дургутов, ревизорот за информирање и комуникација.

Тој потенцираше дека по 4 октомври годинава сите нивни извештаи не може да се испратат на одговор до субјектите на ревизија, бидејќи нема кој да потпишува.

На прес-конференцијата беше истакнато дека во моментов се соочуваат и со проблем за реализација на ревизорската програма за оваа година, како и планирањето на истата за следната.

– За 2019 година беа планирани 54 ревизии, можам да кажам дека имаме 11 конечни извештаи, 12 се во тек и треба да бидат завршени до крајот на годината, а останатите се готови, но нема кој да ги потпише за да бидат испратени – изјави ревизорката Лилјана Стојанова.

Ревизорите во текот на вчерашниот ден оствариле средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и претставници на Собранието и на ресорната комисија за избори.

– На средбата во парламетот алармиравме за тоа дека наскоро и законски нема да бидеме во можност да работиме, дека под итно бараме избор главен државен ревизор со цел да можеме да функционираме, како и за тоа дека плата немаме земено за октомври. Од таму ни рекоа дека кога ќе се постигне договор меѓу партиите, претседателот на комисијата именување веднаш ќе свика седница и ќе биде избран – рече Бранислав Гулев кој бил дел од делегацијата на ДЗР.

На новинарско прашање дали оваа институција ќе врши ревизија во СЈО, Дургутов истакна дека резвизијата во оваа институција била влезена во нивната програма за оваа година, многу претходно пред моменталните случувања, и дека истата ќе се врши во рамките на законските можности.

Инаку за потсетување, со оваа институција во овие речиси две години раководеше заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми. Сепак, неговиот мандат во траење од 9 години истече на 4 октомври, без притоа официјално да биде назначен овластен потписник, со што функционирањето на институцијата е целосно блокиранo.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот