Хајд парк, Лондон - Фото: Ben Whitley / PA Images / Profimedia

Рекордни температури и трагедии — топлотниот бран ја погоди Британија

Рекордот за најтопол мајски ден во Обединетото Кралство беше соборен втор ден по ред, откако во делови од Лондон температурите во вторникот надминаа 35 степени Целзиусови, пренесува „Би-би-си“.

Во ботаничката градина Кју Гарденс, во југозападен Лондон, беше измерена привремена температура од 35,1 степен, со што е надминат рекордот од 34,8 степени поставен претходниот ден на истото место. И Велс втор ден по ред постави нов мајски температурен рекорд. Во паркот Бјут во Кардиф беа измерени привремени 32,3 степени, со што беше надминат понеделничкиот рекорд од 32,2 степени измерен на аеродромот Хаварден во Флинтшир.

Во меѓувреме, полицијата апелира граѓаните да бидат внимателни во отворени води, откако во изминатите неколку дена во одделни несреќи се удавија пет млади лица и еден возрасен маж. Во вторникот вечерта, полицијата во Ланкашир соопшти дека од реката Рибл било извлечено тело. Претходно во текот на денот, спасувачките служби започнале потрага по 12-годишно момче кое западнало во неволја додека пливало со пријатели.

Рекордно високи температури во Британија – Фото: BBC

Друго тело било пронајдено во водите на кантри-паркот Ротер Вали во Јужен Јоркшир, во раните утрински часови во вторникот, откако тинејџер бил пријавен за исчезнат.

Во понеделникот, 13-годишно момче починало откако се заглавило во резервоар за вода во Халифакс, во Западен Јоркшир. Истата вечер, во водениот парк Кингсбери во Ворвикшир било пронајдено телото на тинејџерка.

На плажата Трегирлс, во близина на Падстоу во Корнвол, маж во шеесеттите години од животот починал во понеделникот откако влегол во морето за да им помогне на двајца свои роднини кои се нашле во опасност, соопшти полицијата.

Во неделата, полицијата соопшти дека 15-годишниот Деклан Сојер починал во езеро во Линколн.

Кралското здружение за спасување животи повика граѓаните да бидат внимателни и предупреди дека „потоплото време, за жал, носи зголемен број случајни давења“.

Од организацијата истакнаа дека, иако температурите на воздухот се многу високи, температурите на водата остануваат многу ниски. Метеоролошката служба предупреди и на можност од „ладен шок“, бидејќи температурата на морето и на другите отворени води е значително пониска од температурите измерени за време на топлотниот бран.

Пред рекордните температури измерени во понеделникот и вторникот, најтоплиот мајски ден во Обединетото Кралство бил со температура од 32,8 степени, измерена во 1922 и 1944 година.

„Сѐ до вчера, највисоката температура измерена во мај изнесуваше 32,8 степени, но сега тој рекорд е надминат два последователни дена за цели два степени Целзиусови“, соопшти Метеоролошката служба.

Шест портокалови здравствени предупредувања поради високите температури, издадени од Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, опфаќаат голем дел од Англија и ќе бидат во сила до четврток.

Во предупредувањето се наведува дека се очекуваат сериозни последици за здравствените и социјалните служби, како и зголемен притисок врз системот поради екстремно високите температури.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот