Интерпелација на Весна Данева/фото Слободан Ѓуриќ/Слободен Печат

Реформата почна со расчеречување на Судскиот совет

За интерпелациите на членовите на Судскиот совет избрани од парламентот не гласаа опозициските СДСМ и ДУИ, но не и од Левица, која рече дека ќе гласаат зашто мора да се прати порака до судството.

Со 77 гласа „за“, без ниту еден „против“ и „воздржан“, Собранието ѝ изгласа недоверба на Весна Дамева, експретседателка, а сега членка на Судскиот совет. Со еден глас помалку недоверба беше изгласана и за Павлина Црвенковска и за Селим Адеми, а на брза лента се очекуваше да бидат изгласани и интерпелациите на преостанатите членови на Судскиот совет избрани од парламентот Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа. За интерпелациите не гласаа опозициските СДСМ и ДУИ. Мнозинството со 74 гласа ги изгласа и заклучоците кои ќе ги достави до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

„Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на членот на Судскиот совет Весна Дамева се основани. Собранието утврди дека Дамева имала значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите, и придонела за падот на довербата на граѓаните кон судството. Дамева ја занемарила и не ја извршувала својата функција во работата на Советот. Собранието ѝ изгласа недоверба со што го губи легитимитетот да учествува и да одлучува во работата на Судскиот совет,“ пишува во заклучоците.

Власта порача дека интерпелациите не се со цел да му судат на судството, туку да ја детектираат одговорноста на тие кои требало да бидат коректив на судството, а не биле. Опозицијата, пак, смета дека интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет се упад на законодавната во судската власт и опасен преседан кој ќе има последици во иднина.

Дамева во своја одбрана оцени дека противуставно е Собранието да бара одговорност од членови на Советот и порача дека е повикана на одговорност зашто не попуштила пред политичките притисоци ни од претходната, ни од актуелната власт. Таа ги замоли пратениците да не ѝ го оцрнуваат семејството и ја напушти седницата, со образложение дека брза на седницата на Судскиот совет. Од салата заминаа и опозициските пратеници на СДСМ и на Европскиот фронт, откако рекоа дека се против интерпелациите, на што реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со констатација дека бегството на Дамева, на СДСМ и на ДУИ од дебатата е потврда дека интерпелациите се издржани.

Интерпелација на Весна Данева/фото Слободан Ѓуриќ/Слободен Печат

Сајкоски: Тие се одговорни за девастираното судство

– Ова е клучен момент во борбата за владеење на правото, за правдата и довербата во институциите. Со овие поднесени интерпелации, ние не му судиме на судството, туку ја детектираме одговорноста на оние коишто требало да бидат коректив, оние коишто требало да носат правда и коишто треба да воспостават она што требаше да биде судска власт – рече Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ во образложението на интерпелацијата за Дамева.

Според него, тие се одговорни за девастираното судство и за недовербата каква што не се памети во ниту една држава во светот.

-Затоа укажуваме дека одговорноста е во оние коишто со своите надлежности, Судскиот совет, треба да донесе квалитетни судии, но треба да ги разреши и судиите коишто не ги исполниле очекувањата – рече Сајкоски.

Тој посочи дека покрај чесните и квалитетни судии, има и такви кои се корумпирани и го загрозувале судството во изминатите години, а Судскиот совет токму со своето непостапување им помогнал на овие криминални структури, од кои дел веќе самите ја признаа вината поднесувајќи оставки.

– Една претседателка на Судскиот совет истакна дека таа не можела да се справи со бизнис-судската елита. Дали има поголем доказ од ова што го кажа оваа поранешна претседателка Црвенковска, за тоа во каква ситуација се наоѓал Судскиот совет и нашето судство – праша Сајкоски.

Тој истакна дека интерпелациите не се од политички, партиски или лични интереси, туку затоа што работата на Советот во изминативе години ги преминале сите фази на достојно и прифатливо однесување. Сајкоски посочи дека Дамева, Павлина Црвенковска и Тања Чачарова излегле од штабот на СДСМ, не успеале да се отргнат од партиските штабови и порача дека е добро да се повлечат од функциите зашто така ќе испорачале доблест.

Интерпелација на Весна Данева/фото Слободан Ѓуриќ/Слободен Печат

Дамева: Дали мора во политиката да се гази врз живи луѓе?

Дамева во одговорот на интерпелацијата рече дека изминатиот период на сите можни начини поединци од политиката се обидувале да ја омаловажат со изнесување небулози, навреди и нестручност при што не било поштедено ниту нејзиното семејство.

– На сето тоа не реагирав, не затоа што не можев да одговорам, туку за да го зачувам нивото. Не си дозволив на секоја невистина да реагирам јавно, зашто кога бев избрана во Судскиот совет, бев подготвена на тоа дека ќе ги користите сите начини да нè девалвирате. Не одговарав на поединци од претходната, но и од актуелната власт, и никогаш одлуките не ги носев под политики влијанија. Навредите беа болни за моето семејство, на моменти се прашував дали мора во политиката да се гази врз живи луѓе, но се покажа дека желбата за власт е посилна од кое било чувство. Подготвена сум за конструктивна критика, бев присутна на расправата за извештајот на Советот и зато сум присутна и денес. Гордо стојам пред вас, мојот мнадат завршува за девет месеци и не дојдов да се правдам, да се заштитам, туку да застанам на страната на владеењето на правото, против селективната правда, во заштита на Уставот, законот и заштита на една од трите власти – рече Дамева.

Според неа, интерпелациите се директен упад врз судската власт, проблемот со недовербата во правосудството нема да се реши со интерпелацијата и додаде дека се прави опасен преседан кој ќе има далекусежни последици и по судството и по државата.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски оцени дека говорот на Дамева бил политички и дека сакала да се промовира како жртва.

Никола Мицевски Фото: Фејсбук Мицевски

– Останете барем еден час на седница за да одговорите на некои од наодите на интерпелацијата. Никој нема да ја спомне фамилијата. Ако има лични напади кон семејството, јас лично ќе ве бранам. За довербата која ја имате од 2 отсто виновни сте вие – рече Мицевски.

Тој посочи дека Судскиот совет не врши судска власт, судската власт ја врат судовите. Секој обид членовите на Судскиот совет да се поистоветат со судиите е надвор од Уставот.

-Собранието ги избрало овие 5 члена и нив ги повикува на одговорност. Свесни сме дека немаме право да ги повикуваме на одговорност останатите 8 члена на Советот, кои се судии. Нив, според законите, треба самите судии да ги повикаат на одговорност. Судиите сега треба да дадат одговор дали ќе покренат иницијатива да се разрешат и останатите членови на Сускиот совет – рече Мицевски.

Тој потенцираше дека ова не е политика интервенција, туку обид да се запре политичката контрола врз Советот.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски рече дека власта со интерпелациите врши груб и неприкриен удар врз правосудниот систем, дека тоа е напад на владеењето на правото и на Уставот и дека тоа не е ништо ново и не е првпат кога станува збор за рушење на уставниот поредок од мнозинството.

Оливер Спасовски Фото: Принтскрин

– Се повикуваме на реформи во правосудниот ситем кои се потребни во државата, а реформата ја започнуваме со неуставна интерпелација. За членови на Советот одговорност може да утврдува само Судскиот совет оти тој е уставна категорија. Поднесените интерпелации се преседан и недозволен акт, тоа е упад во судството и повреда на основното начело на еднаквост на членовите на Советот, односно дискриминација. Вие демонстрирате дека другите членови се нешто повеќе од петтемина избрани од Собранието – рече Спасовски.

Илир Хасани од ДУИ рече дека интерпелациите се незаконски и дека намерата на власта е да избере свои членови во Судскиот совет.

– Никој досега во Собраниетпо не ги сменил членовите на Судскиот совет. Тоа не е добро за демократијата, правите политички притисоци. Ќе поднесеме интерпелација за судиите на Уставен суд, оти допираат таму каде што не треба, во јазикот, духот и срцето на државата во правичната застапеност – рече Хасани.

Борислав Крмов од Левица рече дека ќе гласаат за интерпелациите зашто мора да се прати порака до судството.

– Одговорност мора да има сега и веднаш. Не можеме да имаме една каста на граѓани како што се судиите во оваа држава, кои буквално не одговараат речиси за ништо. Не треба да ја запоставиме персоналната одговорност на членовите на Судскиот совет. Тие се најодговорни за катастрофалната ситуација во која се наоѓа македонското судство. Доверба само од два отсто. Тие се најодговорни. Тие ги поставуваат судиите. Тие ги разрешуваат. Тие иницираат дисциплински постапки и мора да понесат одговорност – рече Крмов.

Пратеникот на Левица нагласи дека интерпелациите би требало да бидат вовед во таканаречената реформа на власта, но за жал, како што посочи, немаме реформа во правосудството.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот