Референдум за уставни измени е нож со две острици
Поранешниот амбасадор Виктор Габер побара референдум за уставните измени како пат кон продолжување на преговорите со ЕУ. Политичките аналитичари со коишто разговаравме предупредуваат дека во сегашниот политички момент таквиот чекор може да предизвика контраефект и нова блокада.
Идејата на поранешниот амбасадор Виктор Габер пратениците да распишат референдум за уставни измени, со кои во Уставот би се внеле Бугарите и други малцинства, отвори нова политичка дилема: дали граѓаните треба директно да се изјаснат за прашање од кое зависи продолжувањето на европските преговори или, пак, таквиот чекор во сегашниот политички амбиент може да произведе спротивен ефект.
Препорачано
Габер, дипломат од кариера, филателист, публицист и поранешен амбасадор, поднесе претставка до Собранието во која бара пратениците да поведат постапка за распишување референдум. Според неговото образложение, референдумот претставува највисок израз на волјата на граѓаните и би требало да покаже дали тие ја поддржуваат промената на Уставот како услов за продолжување на европскиот пат на државата.
Во претставката, Габер наведува дека доколку мнозинството граѓани се изјаснат „за“, пратениците би добиле јасна политичка потврда да ја спроведат уставната промена. Но, доколку мнозинството гласа „против“, тогаш, според него, Собранието би требало да ги поништи досегашните документи со кои членството во Европската Унија е утврдено како стратешка ориентација на државата и да усвои нова државна стратегија.
Токму затоа иницијативата отвора чувствително политичко прашање. Во теорија, референдумот треба да ја потврди волјата на граѓаните, но во сегашниот политички амбиент во земјава постои страв дека наместо да даде излез од блокадата, може дополнително да го „врзе“ европскиот процес и да ја продлабочи внатрешната поделба.
Контраефект
Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека референдумот е еден од најдемократските инструменти за изразување на волјата на граѓаните, но предупредува дека во македонската политичка практика тој често не бил вистински израз на граѓанската волја, туку алатка за политичка манипулација.
– Референдумот е веројатно најдемократскиот институт за изразување на волјата и очекувањата на граѓаните и за носење релевантни и значајни политички одлуки. Тој често се употребува во земји со силна демократска и парламентарна традиција, како Швајцарија и Словенија, каде што граѓаните се изјаснуваат и за комунални прашања, особено кога треба да поднесат одреден трошок – вели Петковски.
Теоретски гледано, посочува тој, тешко може да се најде забелешка за референдумот како демократски механизам, но македонското искуство од осамостојувањето покажува поинаква слика.
– Од аспект на практиката и нашето искуство со референдуми од осамостојувањето до денес, тој механизам не се потврди како реален израз на волјата на граѓаните за определено прашање. Често се злоупотребува и се користи за чиста манипулација – или за да се потврди нешто што партиите на власт сметаат дека е најисправно, или да се оспори нешто што не им одговара – нагласува Петковски.
Тој предупредува дека во актуелните услови, особено поради политичките и етничките тензии, распишувањето референдум за прашања од државен и национален интерес може да има спротивен ефект.
– Таа етничка компонента не смее никогаш да се заборави кога се распишува референдум за определено прашање. Тој може да биде вистински израз на волјата, но може да биде и основа за спречување на определени политики што државата ги има лоцирано како фундаментални, односно како прашања од национален и државен интерес – вели Петковски.
Во тој контекст, тој го посочува европскиот пат на државата како едно од прашањата околу кои, барем декларативно, долго време постои широк политички и граѓански консензус.
– Едно од тие прашања е членството во Европската Унија. Во Македонија, граѓаните во многу висок процент се определуваат европската интеграција да биде приоритет. Но токму затоа, во пресрет на евентуална одлука за референдум, мора да се имаат предвид актуелните состојби во општеството и односите меѓу политичките партии, кои можеби никогаш не биле на пониско ниво – оценува Петковски.
Погрешна политика
Според него, дополнителен проблем е политичката концентрација на моќ и силното влијание на владејачката партија врз избирачите.
– Сега ВМРО-ДПМНЕ има апсолутна власт во државата – од локална самоуправа, преку извршна и законодавна власт, па сѐ до претседател на државата. Веројатно има силно влијание и меѓу избирачите. Затоа референдумот може да биде потврдување на одлука која, во краен случај, многу би ѝ наштетила на Македонија – вели Петковски.
Тој ја критикува реториката според која државата може со години да чека без да направи исчекор кон Европската Унија.
– Ако граѓаните го прифатат тоа што го зборува премиерот, дека ако треба и десет години ќе седиме вака и ќе чекаме, тоа е многу погрешна политика. Не смее да се дозволи државата да клекне на колена и да ѝ се скрши кичмата. Тоа може да биде обична манипулација – додава Петковски.
Поранешниот собраниски спикер смета дека во моментот не постои ниту јасно дефиниран заеднички став кај опозицијата за начинот на кој Македонија треба да стигне до членство во ЕУ.
– Опозицијата не е единствена. Имате спротивставени гледишта меѓу левичарските, центристичките партии и македонската десница. Едни ќе водат кампања да се излезе на референдум, други да не се излезе. Едни ќе бидат „за“, други „против“. Кај нас нема дефиниран стратешки интерес на сите политички партии за патот по кој ќе се дојде до членство во ЕУ – вели Петковски.
Тој предупредува и дека етничките прашања лесно можат да бидат искористени во референдумска кампања.
– Кај нас избори често се добиваат така што ќе ги скараш етничките заедници. Затоа мислам дека сега не е вистински момент да се оди на референдум за членство во ЕУ – оценува Петковски.
Според него, Македонија мора да бара нова политичка формула и мудар пристап кон европската интеграција, наместо да влегува во процес што може дополнително да ја продлабочи внатрешната поделба.
Погрешно време
Слично мислење дели и универзитетскиот професор Јове Кекеновски, кој во разговор за „Слободен печат“ предупреди дека евентуалното распишување референдум за уставни измени во ваков момент може трајно да ја згасне европската надеж на Македонија.
Тој оценува дека идејата за референдум, сама по себе, може да биде благородна и демократска, но во актуелниот политички момент би била погрешен чекор.
– Мислам дека идејата е благородна и убава, меѓутоа времето е целосно погрешно. Со оглед на расположението на народот, сигурен сум дека одржувањето референдум дефинитивно ќе ги блокира преговорите – вели Кекеновски.
Тој смета дека Македонија во овој период треба внимателно да ги следи сигналите што доаѓаат од Европската Унија, бидејќи, како што посочува, почнуваат да дуваат „позитивни ветришта“.
– Од друга страна, почнаа да дуваат позитивни ветришта во Европската Унија. Гледате дека се доделуваат средства за Македонија во области во кои експлицитно се наведува дека имаме напредок, како што се образованието, дигитализацијата, инфраструктурата и други сектори – посочува професорот.
Кекеновски не исклучува можност во наредниот период да се отвори и поширока дебата во самата ЕУ за промена на начинот на одлучување, особено кога станува збор за проширувањето и за блокадите што произлегуваат од принципот на едногласност.
– Не би ме изненадило во скоро време да се случат позитивни работи. Сѐ повеќе расте притисокот за промени во легислативата и во начинот на одлучување во Европската Унија. Можеби не со апсолутно мнозинство како досега, туку со квалификувано мнозинство. Тука шансите се многу реални – додава Кекеновски.
Според него, токму поради ваквите околности, Македонија не треба да влегува во референдумска авантура која однапред би можела да го затвори просторот за политичко решение.
– Затоа сметам дека во ваква ситуација не би требало да се одржи референдум – заклучува Кекеновски.


