Речиси една третина од македонските деца живеат во сиромаштија

Марија вели дека и покрај сиромаштијата, тие со сопругот се најбогати на светот затоа што конечно добиле дете

Владата преку многубројни мерки се обидува да ја заузда сиромаштија, особено онаа кај децата. Спроведена е сеопфатна реформа во системот на социјална и детска заштита – воведено е правото на гарантирана минимална помош, но и универзална покриеност со правото на детски додаток и образовен додаток за сите семејства со ниски приходи. Сепак, бројките се разочарувачки, а уште повеќе податокот од студијата на УНИЦЕФ и „Фајненс тинк“ дека инфлацијата и енергетската криза лани „создале“ уште 5.000 сиромашни деца.

Леонид има само два месеци, но својата животна приказна ја започнува со подарена храна – пие млеко што, како што вели неговата мајка, ѝ го даваат добрите луѓе. Мајката не е добра со здравјето и не може да работи, а таткото работи повремено. Нивното живеалиште е во скопската населба Чаир, каде што во скромниот еднособен стан се обидуваат да го израснат синот кој го добиле по многу години желба за родителство.

Мајката на Леонид, Марија, вели дека и покрај сиромаштијата, тие со сопругот се најбогати на светот, затоа што конечно добиле дете.

– Многу се радувам што станав мајка. За жал, јас не сум работно способна, а и не можам цело време, без помош, да го чувам детето. Мојот сопруг е многу грижлив и секогаш се обидувал што повеќе да работи. Работел физички работи на повик, а имаше и постојан ангажман во градежништвото, но кога останав бремена морав често да одам по лекари, тој ме придружуваше и остана без работа – вели Марија.

Леонид е само едно од многубројните деца во Македонија кои ја делат заедничката приказна „сиромаштија“. Причините како се нашле во таа состојба се различни, но последиците се исти – недоволно и неквалитетна храна, недоволно облека, лоши животни услови…

Според Лаеканските индикатори за стапка на сиромаштија по возрасни групи, што ги пресметува Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија кај возрасната група од 0-17 години во 2020 година изнесува 31,8 проценти (последен податок). Ова значи дека речиси една третина од децата во таа година биле сиромашни! Годинава ДЗС ќе ги објави податоците за 2021 година, но, студијата „Влијанието од кризата со храна и енергија врз благосостојбата на домаќинствата во Северна Македонија“, што ја направија Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, покажува дека во текот на 2022 година релативната сиромаштија се влошила за 0,7 процентни поени, што значи сиромаштија дополнително за уште околу 13 илјади луѓе. Дополнително се влошила и детската сиромаштија за 1,3 процентни поени, а тоа се уште 5 илјади деца паднати во сиромаштија.

„Домаќинствата со три и повеќе деца, кои и онака се силно лишени, доживуваат дополнителни опасности од кризата, бидејќи нивната сиромаштија се продлабочува за 0,9 п.п., додека стапката во домаќинствата во кои главата на семејството е нискописмено лице се продлабочува за еден п.п. Девојчињата се повеќе погодени од момчињата, додека влијанието е најсилно кај децата до 5 години, со неверојатни 2,2 п.п., односно тоа се околу 2.000 деца“, покажува истражувањето.

Сериозно влошување на сиромаштијата со храна

Она што особено загрижува е влошувањето на сиромаштијата со храна, кое авторите на ова студија го квалификуваат како „сериозно“.

„Стапката на сиромаштија со храна се зголемува за 8,2 п.п. за сите домаќинства, а 9,4 п.п. за деца. Растечките цени на храната имаат посериозно влијание врз децата споредено со останатата популација, кај којашто растот исто така е висок. Жените се малку посилно погодени, додека порастот е неверојатен кај домаќинствата со три или повеќе деца, со 14,5 п.п. Тоа јасно го прикажува ризикот од глад кај членовите на таквите домаќинства каде што почесто се појавуваат деца. Девојчињата се посилно погодени од момчињата, а помалите деца повеќе од постарите“, се наведува во студијата.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески, кој е еден од авторите на студијата, вели дека генералната препорака во однос на дизајнот на мерки за справување со сиромаштијата, вклучително и детската сиромаштија, е мерките да бидат што повеќе целни, значи буџетските средства да се насочат кон ранливите слоеви, кои товарот на кризата не можат да го сносат сами.

„Студијата покажува дека голем дел од т.н. линеарни мерки помогнале на сите граѓани, што е навидум убаво, меѓутоа да забележиме дека тоа повлекува голем обем буџетски средства што потоа притиска врз буџетскиот дефицит и јавниот долг. Во однос на детската сиромаштија некои од мерките што беа применети во текот на пандемијата може да бидат ефективни и сега, како на пример релаксирањето на критериумите за влез во системот на гарантирана минимална помош, индексирање на социјалната помош со цените двапати годишно наместо еднаш, обезбедување цена на струјата во првата тарифа за сиромашни многудетни семејства без оглед на нивната потрошувачка, дополнување на програмата за енергетска сиромаштија за ранливи (не неопходно само за сиромашни) домаќинства, ваучери за храна за сиромашните многудетни семејства кај кои инциденцата на сиромаштијата е најизразена итн. Значи, тоа би биле мерки кај кои во преден план не е трошокот на државата туку што попрецизното канализирање на средствата кон сегментите и за намената за која тие се најпотребни“– вели Петрески.

Детски додаток користат 49.324 деца, а образовен 30.179

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека е спроведена сеопфатна реформа во системот на социјална и детска заштита – воведено е правото на гарантирана минимална помош (ГМП), но и универзална покриеност со правото на детски додаток и образовен додаток за сите семејства со ниски приходи.

– Со Законот за заштита на децата се обезбедуваат парични права за децата, кои се во насока на искоренување на детската сиромаштија и обезбедување еднакви можности за сите деца. Правото на детски додаток го користат 49.324 деца, додека правото на додатокот за образование го користеле 30.179 ученици и студенти.  Со обезбедените парични средства за исплата на додаток за образование им се помага на родителите во подмирувањето на училишните трошоци со цел редовно следење на наставата и превенирање на раното напуштање на училиште – ни изјави Тренчевска и потенцираше дека за ублажување на енергетската сиромаштија особено е значен енергетскиот додаток кој го примаат сите домаќинства корисници на гарантираната минимална помош, но и дополнителен број на граѓани, односно вкупно 45.914 домаќинства.

Во јануари годинава се направи усогласување на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот. Правата на ГМП, паричен надоместок за помош и нега од друго лице, правото за попреченост, правото на детски додаток, посебен додаток, цивилна инвалиднина, траен надоместок за згрижувач, паричен надоместок за скратено работно време, домување, надоместокот за социјала сигурност на старите лица се зголемија за 14.2 % врз основа на податоците на Заводот за статистика.
Но сепак, сиромаштијата воопшто и детската сиромаштија посебно, остануваат како голем предизвик за решавање. Министерството за труд ги лоцира следниве предизвици: Да се обезбеди сите семејства да имаат доволно средства да ги пресретнат потребите на децата преку развој на систем на обука и доквалификација за родителите кои се корисници на гарантирана минимална, да стекнат вештини со цел да најдат и да задржат соодветно работно место, а во насока на издржување на сопствените деца. Потоа, да се измени формулата за финансирање на системот за воспитание и згрижување, со што ќе се промени и износот кој што го плаќаат родителите. Како што вели Тренчевска, целта е посиромашните семејства и самохраните родители да плаќаат помалку, односно да бидат изземени од плаќање. Исто така, потребни се измени во Законот за детска заштита – усогласување на висината на прагот за пристап до правото за детски додаток и на правото за додаток за образование со порастот на трошоците за живот.

Во државава има 48 народни кујни

На територијата на Македонија се отворени 48 народни кујни во 48 општини (урбана и рурална средина), а оброците се делат во 61 пункт. Вкупниот број корисници изнесува околу 3.323 лица. Од понеделник до петок се дава еден топол оброк, а за време на викендите се дава ладен оброк кој се подига во петок.
– Центрите за социјална работа изготвуваат Решение за користење на услугите на народна кујна и список до пунктовите каде што се дели храната, и во ова решение опфатени се и децата како членовите на семејството. При делењето на храната едно стручно лице од Центарот за социјална работа е присутно на пунктот – објаснија од Министерството за труд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот