Новогодишна трпеза / Фото: Приватна архива

Рецепти на Кристина Колевски: Новогодишна трпеза со душа

За некои, заштитен знак на новогодишните празници е руската салата, за други – мирисот на свежо печени колачиња или бавно печено месо што со часови се подготвува со трпение и љубов.

Токму такви се и рецептите на Кристина Колевски од Битола, вљубеничка во добрата храна, која преку својот инстаграм-профил @solenoblagiprikazni инспирира илјадници луѓе да готват со внимание и посветеност.

Во продолжение ви ги пренесуваме нејзините празнични фаворити, проверени рецепти за трпеза што се памети.

Руска салата

Потребни состојки:
  • 350 г шунка
  • 350 г кашкавал
  • 350 г кисели краставички
  • 350 г моркови
  • 350 г грашок (од конзерва)
  • 350 г компири
  • 3 јајца
  • 350 г мајонез
  • сол и црн бибер по вкус

Подготовка:

Сите состојки исечете ги на коцки (јајцата, морковите и компирите претходно сварени и оладени) и добро измешајте ги.

Состојките може да се подготват од вечер и да се чуваат во длабок сад, а мајонезот, солта и биберот да се додадат следниот ден.

Откако ќе се соединат сите состојки, салатата оставете ја кратко во фрижидер, па сервирајте.

Руска салата / Фото: Приватна архива

Новогодишни корнети полнети со пилешка салата

Потребни состојки:

За салатата:
  • 250 г пилешко месо
  • 200 г пченка
  • 150 г корнишони
  • 200 г варен компир
  • 200 г варен морков
  • 2 лажици павлака
  • 160 г мајонез
  • сол по вкус
Дополнително:
  • тортилји
  • калинка
  • рузмарин
  • магдонос
  • 1 јајце

Подготовка:

Пилешкото месо сварете го и искинете го на конци. Компирите и морковите сварете ги и изрендајте ги. Корнишоните ситно исечкајте ги. Во длабок сад измешајте ги сите состојки и посолете по вкус.

Тортилјите исечете ги на четвртини, оформете корнети, премачкајте ги со изматено јајце и печете ги додека не се стврднат.

Корнетите наполнете ги со салатата и декорирајте по желба.

Новогодишни корнети полнети со пилешка салата / Фото: Приватна архива

Колачиња со цимет

Потребни состојки:

  • 125 г маргарин
  • 120 г шеќер
  • 3 лажици мед
  • 300 г брашно
  • – 1/2 лажичка сода бикарбона
  • – 1 лажица цимет
  • – 1 лажица какао
  • – 2 лажици ладна вода

Кралска глазура:

  • 1 белка
  • 150-180 г шеќер во прав
  • 2-3 капки лимон

Подготовка:

На тивок оган растопете ги маргаринот, шеќерот и медот. Во длабок сад измешајте ги брашното, содата, циметот и какаото, па додајте ги растопените состојки.

Додајте ја ладната вода и замесете тесто. Завиткајте го во најлонска фолија и оставете го во фрижидер околу 30 минути.

Потоа развлечете кора со дебелина од околу 4 мм и вадете форми по желба. Печете во загреана рерна на 200 степени, 8-10 минути.

Белката изматете ја со постепено додавање на шеќерот и на лимоновите капки. По желба, може да се додаде прехранбена боја.

Колачиња со цимет / Фото: Приватна архива

Чоколадна торта

Потребни состојки:

За кората:
  •  3 јајца
  • 150 г шеќер
  • прстофат сол
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 100 мл млеко
  • 100 мл масло
  • 160 г брашно
  • 20 г какао
  • 1 ќесичка прашок за печиво
Прелив:
  • 120 мл вода
  • 1 лажица шеќер
  • 1 рамна лажица нескафе
Ганаш:

– 250 мл слатка павлака

– 200 г чоколадо

Подготовка:

Јајцата, шеќерот, ванилата и солта изматете ги пенесто. Додајте ги маслото и млекото, а на крај брашното, какаото и печивото, просеани и нежно промешани.

Смесата истурете ја во округол калап обложен со хартија за печење и печете во загреана рерна на 180 °C околу 20 минути.

Оладената кора прелијте ја со преливот од нескафе. Загрејте ја слатката павлака без да зоврие, додајте го чоколадото и мешајте додека не се растопи.

Со дршка од дрвена лажица направете дупчиња во кората, наполнете ги со ганаш, а потоа прелијте ја целата торта. Оставете ја во фрижидер да се зацврсти.

Чоколадна торта / Фото: Приватна архива

Бавно печено, шпикувано свинско каре

Потребни состојки:

  • 1,5 кг свинско каре
  • 3-4 моркови
  • 10 чешниња лук
  • сенф
  • сол
  • зачини: црн бибер, мајчина душичка, рузмарин, оригано, лук во прав
  • 200 мл црвено вино

Подготовка:

Месото засечете го и направете длабоки отвори што ќе ги наполните со морков и лук. Зачинете го, убаво втријте ги зачините и премачкајте со сенф. Оставете го преку ноќ да отстои.

Пред печење, кратко запржете го од сите страни. Ставете го во тава обложена со влажна хартија за печење и алуминиумска фолија, прелијте со виното и маслото од пржењето и добро затворете.

Печете во загреана рерна на 200 степени околу 3 и пол часа, а потоа откријте го и печете уште 30 минути.

По печењето, месото исечете го и сервирајте.

Бавно печено, шпикувано свинско каре / Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот