РЕЦЕПТ | Светски ден на бармените: Муабет на шанк со Филип Арнаудов од „Спикизи“

Фото: „Спикизи“

Бармените ја имаат една од најстарите професии во историјата на човештвото. Историските податоци велат дека тие се појавиле пред неколку илјади години на повеќе места ширум светот – антички Рим, Грција, но и во Азија. Во тоа време, тие биле гостилничари и сопственици на древни гостилници во кои сами правеле алкохолни пијалоци.

Поради етички и правни причини, оваа професија не била почитувана отсекогаш. За време на „бурните дваесетти“, во САД имало забрана за производство и продажба на алкохолни пијалоци. Бидејќи сѐ што е забрането е послатко, се појавиле бројни „speakeasy“ барови кои за кратко време станале многу популарни и станале дел од американската култура. Во скриена, интимна атмосфера бармените ги служеле своите гости со квалитетен, но и не толку квалитетен алкохол. Кратко и јасно – алкохол, џез, но и многу криминал.

Денес остана љубовта кон џезот и алкохолот

Сите луѓе немаат навика да отидат во бар и да си седнат на шанк, но тие што имаат таква навика си ги чуваат бармените блиску до срцето. Барменот е вистински пријател, додека со „виледа“ си го чисти работниот простор, а ти седнат се давиш во сопствената нарав. Дури се и најефикасни, кога во дионизиска журка не можеш на чиста мака да најдеш келнер, па опа-цупа ќе си отидеш на шанк.

По повод Светскиот ден на бармените, ние решивме да изразиме почит кон оваа професија која го бара сето трпение на светот и си направивме „муабет на шанк“ со Филип Арнаудов, сопственик на „Спикизи“ и претседател на Здружението на бармени на Македонија.

„Точно, денес е Светскиот ден на бармените. На денешен ден 1951 година во Англија е основана Интернационалната асоцијација на бармени. (IBA – International bartenders association). Нашето здружение е член на оваа асоцијација од 2009 година и активно учествува на сите натпревари и конгреси на ИБА“, вели Филип за „Слободен Печат“.

Фото: „Спикизи“

Барменството е една навистина, пред сѐ, креативна професија за која треба врвен алхемичар.

„Професијата ја работам повеќе од 20 години и ме привлече магијата на правење коктели. Не само што коктелот не е обичен пијалок, и неговата подготовка е еден ритуал кој ги привлекува гостите на бар“, вели тој.

Фото: „Спикизи“

Бидејќи „во коктелот е вистината“ е новото „во виното е вистината“, не можевме да го одминеме прашањето за тоа колку луѓето ги споделуваат нивните приказни на шанк.

„Интересни ситуации на бар има буквално секој ден. Секој ден имаме различни гости и сите имаат интересни приказни и ситуации“, вели Арнаудов.

Фото: „Спикизи“

Во „Спикизи“ ќе ги пробате едни од најдобрите коктели во Скопје, па затоа го прашавме Филип од кои состојки е направен, според него, совршениот коктел.

„Кај коктелите најважен е балансот на состојките. Треба сите состојки да се почувствуваат подеднакво, а ниту една да доминира. Инаку најдобри состојки кои еден бармен треба да ги користи во секој коктел се: љубов, пасија и вештина“, ни открива тој.

Фото: „Спикизи“

Исто, во чест на денот, би сакале да споделиме еден наш, авторски коктел кој ветуваме дека ќе ги импресионира сите – од најмладите (се разбира 18+), до најстарите во вашиот социјален круг. Рецептот е за двајца.

„Ковка со Ораховка“

Потребни состојки:

  • 60 мл џин
  • 30 мл ораховка
  • 50 мл сок од лимон
  • 40 мл мед или сируп од урми
  • 250 мл минерална вода
  • рака свеж босилек
  • мраз
  • уште лимон и босилек за декорација

Подготовка:

Свежиот босилек истолчете го во аван. Ако се чувствувате мрзливи, згмечете го со рацете за да ги ослободи своите етерични масла, но никако не го прескокнувајте овој чекор. Во шејкер (ако немате, ќе послужи и тегла) ставете го џинот, ораховката, сокот од лимот и измешајте. Додадете мраз и измешајте уште еднаш. Во две високи чаши ставете од босилекот, поделете го еликсирот што го мешавте и надополнете ги со минерална вода. Со долга лажица околу мразот, покрај стаклото соединете го коктелот. Во чашата ставете парче кора од лимон, или по барменски твист и неколку ливчиња босилек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот