Реакција на ЗНМ, ССНМ и СЕММ за вчерашните случувања во „Само вистина“: Се залагаме за медиумски интегритет

Фото: ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагираат на вчерашните случувања во емисијата „Само Вистина“ на ТВ Канал 5, каде во улога на гостин беше Исмет Рамадани, поранешен пратеник и актуелен советник на претседателот на Владата и новинарот Горан Момировски, а уредник на емисијата беше новинарот Александар Видиновски.

Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Тоа не беше случај во еден дел на дебатата, но модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото – се наведува во соопштението.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ изразија сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, бидејќи, како што посочија, директно се нарушува принципот на уредувачка независност што е камен-темелник на независното новинарство.

Дејствијата од ваква природа, според нив, можат да наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите генерално.

Категорично ги осудуваме сите дејствија кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија. Коментарите на Рамадани кон водителот Видиновски, кои во одреден дел од дебатата беа конфронтирачки, не смеат да бидат оправдување за таков тип на интервенции – се додава во заедничката реакција.

Во контекст на вчерашните настани, тие ги повикаа медиумски професионалци, јавни личности и учесници во јавните дебати да придонесат позитивно и со почит кон јавниот говор, поддржувајќи ги принципите на почитувана комуникација и уредувачка независност.

ВИДЕО: Директорот на Канал 5 Мирчевски до Исмет Рамадани: Не постои политичка дискриминација во телевизија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот