Реакции на годишното обраќање на претседателката: Гол говор, без визија и со целосна поддршка на Владата
Жалам што претседателката избра да застане на страната на најкорумпираната и криминална влада во историјата на државата и во овој момент во Европа, рече лидерот на опозицискиот СДСМ Венко Филипче.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во годишното обраќање пред пратениците ги потврди позициите на Владата дека земјата ја водат во изолација и дека европската приказна за нас е завршена, е оцената на опозициските партии, кои говорот на шефицата на државата го оценија како гол, без визија и со целосна поддршка на владините политики.
Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, пак, сметаат дека обраќањето на Сиљановска е издржано, дури и фантастично, и дека таа ја потврдила принципиелната определба за евроинтеграциите, но и дека нуди проактивни решенија за излез од ситуацијата наметната од претходната влада.
Препорачано
Филипче: Претседателката даде поддршка на изолацијата на Македонија
Жалам што претседателката избра да застане на страната на најкорумпираната и криминална влада во историјата на државава и во овој момент во Европа, рече лидерот на СДСМ Венко Филипче.
– Денеска претседателката даде поддршка дека Македонија ја води кон изолација, дека европската приказна за нас е завршена, дека нема да има никакви реформи и дека ни следува голема криза. Жалам што претседателката не застана на страната на мнозинството граѓани што сакаат оваа земја да ја видат интегрирана целосно во Европа. Жалам што не застана на патот на вистинските реформи, да ги поддржи, туку поддржува квазиреформи и делумно изменети закони, кои оваа Влада ги претставува како вистинска реформа. Сметам дека следува голема криза, поскапува електричната енергија, а со тоа ќе поскапи сè. Очигледно е дека претседателката ѝ дава поддршка на Владата што ја носи земјата во изолација, да бидеме црна точка во Европа, тука владее „српски свет“ – рече Филипче.
Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица рече дека Сиљановска имала голо обраќање, без визија и со целосна поддршка на владините политики. Тој рече дека претседателката не се осврнала на најважната тема што ги засега граѓаните, а тоа е загадениот воздух.
– Да се говори за геополитички предизвици, а да не се зборува за заболените деца од загадениот воздух е политичка небрежност и немање визија. Страшно иронично е да се зборува за климатски промени на глобално ниво, а да не се спомнат нашите реки, шуми и градови. Каков претседател е тој претседател што го игнорира материјалното и физичкото уништување на Македонија, на реките, шумите, воздухот – рече Мециновиќ.
Власта со пофални зборови, за ЗНАМ говорот е фантастичен
Наспроти критиките од опозицијата, владејачките партии сметаат дека Сиљановска направила осврт на нејзините годишни активности и дека ги согледала проблемите и предизвиците со коишто се соочува Македонија како држава.
– Важно е да се напомене нејзиниот принципиелен став што се совпаѓа со мислењето на големото мнозинство граѓани, а тоа е дека нашата определба се европските интеграции и немаме дилема околу целта, но во исто време со наметнувањето на билатерални прашања надвор од Копенхашките критериуми, дилемата е извесноста на патот до целта откако претходната влада прифати голем број концесии што дополнително го комплицираа процесот на евроинтеграции. Но, во секој случај ќе се продолжи со сите напори и на политички, и на дипломатски, и на реформски план, за Македонија да биде што подобро рангирана. Добро е што претседателката спомена дека Македонија има проактивна улога, дека не го констатира само проблемот, туку нуди проактивни решенија за излез од ваквата наследена состојба во разговорите со официјалните претставници во Брисел – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието Антонијо Милошоски.
Тој ја истакнува и заложбата на претседателката за поголема интеграција и вклученост во домашните политики и во стопанската и културната промоција на Македонија во земјата и во светот на дијаспората, која е битен елемент од нашиот национален државен и културен капитал. Ја пофали и заложбата на Сиљановска да предложи претставници во Судскиот совет откако ќе се усвои новиот закон за Судскиот совет кој, како што рече, очекува да биде донесен пред новогодишните празници.
Бобан Карапејовски од ЗНАМ оцени дека претседателката имала фантастичен говор, кој политички можеби е невообичаен.
– Таа зборуваше за една хипокризија што се случуваше во меѓународните односи во однос на Македонија. Гаранциите за кои зборуваше за тоа што ние треба да го направиме на меѓународен план е нешто што е и наша идеја што таа ја реафирмира во моментов. Ние сме подготвени да си ја завршиме домашната задача, но со силни гаранции дека тоа ќе биде последното нешто што треба да го направиме на евроинтеграцискиот пат. Оценуваме дека претседателката во духот на тоа што таа го претставува, како избран претставник на сите граѓани, ги сублимираше ставовите што провејуваат во општеството на овој план и се надевам дека ќе се обидеме да изградиме национален консензус околу прашањата што таа ги отвори во годишното обраќање – рече Карапејовски.
Сиљановска-Давкова: Македонија ризикува да се најде во „геополитички вакуум“
Во второто годишно обраќање пред пратениците од преземањето на претседателската функција во мај 2024 година, Сиљановска-Давкова се осврна на актуелните случувања во изминатиот период, како и на очекувањата за следната година во внатрешната и надворешната политика, во економијата, правосудството…
Македонските евроинтеграции, според неа, се „школски пример за занемарување на демократијата“, но „политичката волја е потребна не само од нашата страна, туку и од ЕУ“. Таа нагласи дека двојните стандарди создаваат нестабилност и дека македонските граѓани го поддржуваат членството во ЕУ, но се разочарани од одложувањата.
– Без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија, со евентуални дополнителни уставни промени, Македонија ризикува да се најде во „геополитички вакуум“. Внимателно треба да се одмерува секој чекор, да учиме од соседните земји кои настапуваат едногласно за своите интереси – рече шефицата на државата.
Претседателката истакна и дека македонската страна веќе предложила повеќе излезни решенија за напредок во преговорите со ЕУ, и дека очекува унијата да избере едно или да понуди свое креативно решение, како што го направи за Украина и Молдавија.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, според Сиљановска-Давкова, го извадил на површина грдото лице на стихијното одлучување и културата на неказнивост.
– Трагедијата не беше само несреќен случај, туку резултат на системски пропусти, корупција и институционална неодговорност, кои државата ја доведоа до „ѕидот на срамот“ – рече Сиљановска-Давкова.
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова потенцираше дека толерирањето на корупцијата и на несанкционирањето на криминалот ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа.
– Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза… Во случајот на Кочани не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал. Ја разбирам болката на семејствата на настраданите. Го разбирам нивниот оправдан гнев и бес – порача претседателката.
Таа упати директно предупредување до политичките партии да престанат да го користат случајот за дневнополитички поени.
– Треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата. Нивните најмили не можеме да ги вратиме – порача таа.
Претседателката смета дека , претстојниот судски процес за оваа трагедија ќе биде лакмус тест за македонското правосудство.
– Од овој процес ќе зависи дали судството ќе ја стекне или трајно ќе ја изгуби довербата на македонските граѓани. Овој процес е тестот врз кој ќе се оценува решеноста за владеење на правото во реалност, а не само декларативно, на хартија – заклучи таа.


