Разоткриена тајната стара 14 години: Пријателките на Ејми Вајнхаус ѝ го „исчистиле“ станот, продале сè и заработиле 833.000 евра
Таткото на славната пејачка ги обвинува нејзините поранешни цимерки за незаконска продажба на нејзините лични предмети
Четиринаесет години по смртта на пејачката Ејми Вајнхаус сè уште се води правна битка. Нејзините тогашни цимерки ѝ ги продале личните работи на аукција, во вредност од 730 илјади фунти, или околу 833.000 евра, а таткото на пејачката тврди дека тоа го направиле незаконски бидејќи предметите не им припаѓале, па затоа започнал правна постапка, пренесува „Дејли мејл“.
Препорачано
Да потсетиме, Вајнхаус почина како последица од труење со алкохол во 2011 година на само 27-годишна возраст, по бурна кариера исполнета со хероин, крек и прекумерно пиење. По нејзината смрт, нејзиниот татко Мич, кој ја одгледал во северен Лондон, останал во контакт со двете нејзини најблиски пријателки, Наоми Пери и Катриона Гурлеј, кои во различни периоди живееле со пејачката.
Проблемите започнале во 2021 година по аукцијата на облека и други предмети што ѝ припаѓале на Вајнхаус во Лос Анџелес, а на која биле изложени околу 700 предмети обезбедени од нејзиното семејство. Аукцијата и приходите од неа сега се предмет на судски случај пред Високиот суд во Лондон.
По објавувањето дека аукцијата собрала вистинско богатство и дека најголем дел од средствата ќе одат во добротворната организација „Фондацијата Ејми Вајнхаус“, 75-годишниот Мич открил дека околу 150 предмети — најмногу облека — ги продале Пери и Гурлеј. Две години подоцна, Гурлеј продала пар познати балетанки со траги од крв, кои пејачката ги носела во 2007 година за време на жестока кавга со поранешниот сопруг Блејк Филдер-Сивил. Тие ѝ донеле профит од 3.000 фунти.
Милионскиот имот што останал зад прерано починатата пејачка го наследил токму нејзиниот татко бидејќи таа немала тестамент. На почетокот на судењето оваа недела во Лондон, Мич изразил гнев поради продажбата на работите на неговата ќерка, негирајќи дека таа би подарила толку многу работи и тврдејќи дека тие се дел од нејзината оставина. Нагласил дека двете пријателки треба да ги вратат заработените пари за да може да бидат донирани на фондацијата за изградба на училиште на Сент Лусија во Карибите.
Неговиот адвокат, Хенри Лег Кеј-Си, изјавил пред судот:
„Дури по завршувањето на аукцијата во 2021 година, господин Вајнхаус открил дека госпоѓиците Пери и Гурлеј заедно поседуваат повеќе од 150 аукциски лотови и дека планираат да го задржат приходот од продажбата за себе. Постојано инсистираа дека биле „целосно транспарентни“ во подготовката за аукцијата. Нивните тврдења се во целосна спротивност со документацијата“, пренесува „Дејли Мејл“.
Објавени биле и пораки меѓу аукционерката и Пери, во кои разговараат дека последниот фустан бил продаден за неверојатни 190.000 долари, а дека Мич смета оти тој му припаѓа нему. Во пораките, Пери тврди дека Мич „не знае многу за работите на Ејми“.
Семејството ги сметало за толку блиски пријателки што нивните имиња дури биле врежани на надгробниот споменик на Ејми Вајнхаус. Тие инсистираат дека биле само блиски пријателки, а Пери исто така работела како нејзина стилистка. Тврдат дека Ејми им позајмувала многу предмети кои на крајот останале кај нив, како и дека често им подарувала облека на која имале целосно право. Мич потврдил дека неговата ќерка била дарежлива и им подарувала работи на сите, но смета дека е неверојатно да им ги подарила токму тие 150 предмети.
Случајот продолжува да се води пред судот.


