Локални избори - Кичево: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Разочараните и апатичните – најбројно гласачко тело

Чкртнатите ливчиња што ги оставија граѓаните во гласачките кутии, но и оние што одлучија да не излезат на изборите и да го дадат својот глас за некој од кандидатите, им испратија јасна порака на партиите дека она што го понудија, не може суштински ништо да смени во нивните животи.

Па, така, разочараните и апатични граѓани, кои се повеќе од половина од запишаните гласачи на Избирачкиот список, станаа најбројното гласачко тело на локалните избори со историски најмала излезност од осамостојувањето на Македонија, но и голем број неважечки ливчиња.

Владко Грозданов е новиот градоначалник на Кочани

Малата излезност, како што толкува политичкиот аналитичар Петар Арсовски, се должи на природното намалување на населението поради раселување, на разликата што се појавува меѓу Избирачкиот список и бројот на резидентно население, но секако и на политичките фактори.

– Тоа е едно ниско ниво на политичка ангажираност, еден цинизам и апатија што може да е незадоволство од вкупната политичка понуда од сите партии. Дополнително на тоа, протестот што се демонстрира со зголемениот број неважечки ливчиња исто така е еден сигнал дека гласачите не препознаваат политичка понуда за која може да пројават еден сериозен ентузијазам. Тоа по книга би било идеална платформа за појавување на нови политички партии, меѓутоа во моментот и тоа место во Македонија е запоседнато. Гласачите не веруваат дека со сегашната политичка понуда нешто суштински може да се смени, а тоа е лошо вкупно за демократијата. Мислам дека нивото на политички ангажман сè уште ќе се намалува додека не се појави некоја политичка понуда што ќе може да влее некој нов ентузијазам кај гласачите – анализира Арсовски во изјава за „Слободен печат“.

Петар Арсовски / Утрински брифинг

Поранешниот собраниски спикер Тито Петковски, пак, како причина за апстиненцијата го гледа и тоа што на овие локални избори, наместо за локални теми се зборуваше за „висока политика“, наместо кандидатите за градоначалници доминантни беа лидерите на политичките партии, кои собираа гласови на национализмот.

– Јасна е пораката. Граѓаните сметаат дека партиите имаат несериозен пристап кон нив, страшно се разочарани, немаше понуда што можеше квалитетно да го подобри животот во местото на живеење. Напротив, одеа, парадираа од град во град и ги претставуваа своите партиски кандидати. Ние немавме локални избори, ние имавме продолжени парламентарни избори со истата мантра: нема отворање на Уставот за Бугарите и на таа националистичка основа владејачката партија печали многу гласови. Ништо ама баш ништо не може да подобри, такви се економско-општествените околности, па и политичките, до некои досега невидени граници и посеана омраза особено меѓу двете главни политички партии ВМРО и СДСМ и двете од албанскиот блок Вреди и ДУИ од друга страна. Тешко ќе можат за нешто да седнат и нормално да се договорат и заеднички да работат на подобрување на условите за живот, дали станува збор за ѓубре, водовод, канализација, образование, екологија. Како што не можат да се договорат како ќе ја водат Македонија – вели Петковски.

Новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски всушност беше избран со само 35 отсто од гласовите на скопјани, а тоа според Петковски, јасно покажува дека еродира угледот на владејачката партија во главниот град, но смета и дека 60-те илјади гласови што ги доби Левица се гласови од сите што биле против Ѓорѓиевски.

– Апсолутно мислам дека за вториот круг за Левица гласаа сите други освен ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди. Сите други гласаа за Левица и не треба да си го припишува Левица тоа дека тие направиле огромен успех, поместување – вели Петковски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во говорот по локалните избори порача дека ја слушнале и нивната тишина, а лидерот на Левица Димитар Апасиев пак постапката на оние што решиле да не излезат на изборите, ја нарече „неинтелигентен избор“.

Одѕивот на изборите за градоначалници и советници за првпат не надминува 50 проценти, ниту во првиот круг, ниту во вториот круг. Излезноста во вториот круг на локалните избори 2025, според податоците на ДИК изнесува 40,46 проценти. За градоначалник на Скопје, излезноста во вториот круг, изнесува 35,33 проценти. Од вкупно 474.304 избирачи, гласале 167.575. Во првиот круг имаше повеќе од 50 илјади неважечки ливчиња, додека во вториот круг речиси 20 илјади.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот