Разговор со пијанистката Даница Стојанова: Секоја нова сцена е како нов свет

Пијанистката Даница Стојанова настапи во Швалмтал и во Келн во Германија

Македонската пијанистка Даница Стојанова минатиот викенд одржа рецитали на две необични концертни локации во Германија, а тука ја пренесуваме нејзината импресија проследена со музички приказни.

Пијанистката Даница Стојанова уште долго време ќе ја носи возбудата и вдахновението по двата концерти одржани во Германија, а во сеќавање ќе ѝ останат и дружењето со тамошната публика, соработката со двајца наши музичари и убавите приказни за сцените на кои настапи.

Минатиот викенд одржавте два концерта во Германија. Во кои градови и концертни сали се одржаа концертите и со каква програма?

– Точно така, на 25 и 26 февруари имав можност да настапам во Германија, во градовите Швалмтал и во Келн (општина Керпен). Првиот концерт беше организиран од Германско-јапонското друштво, кое активно работи од 1986 година, каде што меѓу другите членува и г-ѓа Марико Фукс. Никогаш не знаеш каде патот ќе те одведе, па така и овој пат бев импресионирана од местото каде што настапив. Тоа е куќа од 1933 година, тогаш во сопственост на г. Јорданс, кој имал дуќан за музички инструменти, ноти и останато во Диселдорф. Во куќата во тоа време имало два концертни клавири „стенвеј“, се одржувале концертни настани за елитата и за музички образованите луѓе, а за време на Втората светска војна тие биле одземени.

Даница Стојанова во концертната куќа во Швалмтал

Господинот Јорданс немал свои наследници и затоа оставил аманет на својот најдобар пријател куќата да биде продадена за не многу пари на фамилија што е продуховена и ќе продолжи со уметнички вдахновенија. Така и се случило, а куќата ја купува фамилијата Фукс од Јапонија. Во големиот салон, кој е уникатен со својата акустика, тие организираат прекрасни музички настани за публика што однапред го најавува своето присуство. Куќата има и летен концертен подиум, а се наоѓа во сопствена шума од 15.000 м2. Навистина нешто специјално. Престојот таму ми беше многу краток, само 24 часа, но на мене ми остави голем впечаток. Зен-мајсторот Ајзен рекол: „Светлината нема граница“. Тоа таму го почувствував. Публиката беше полна со симпатија и со емпатија, со зрела друштвеност. Тоа не се заборава. Тоа не може секој да го има, да го почувствува и реализира.

Марико Фукс и Даница Стојанова

Многу сум ѝ благодарна на Марико што заедно успеавме да направиме овој концерт да се одржи, и што освен дела од Ф. Шопен и С. Рахмањинов ја имав можноста да отсвирам дела и од македонското класично творештво, од Зографски и Коларовски, како и светска премиера на дело од Јана Андреевска. Ќе додадам дека целиот приход од влезниците беше наменет за помош на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.

Како се појави можноста двапати едно по друго да настапите во Германија?

– Веднаш откако се знаеше датумот за првиот концерт се отвори втората можност да настапам во Келн, каде што имам настапувано повеќепати, но за првпат во салата од црквата на општината Керпен. Исто така, одлична акустика и прекрасна публика. Овде настапив во првиот дел како солист со дела од Шопен и Коларовски, во вториот дел од концертот продолжи нашиот уметник Дарко Костовски со дела од Шопен.

Финално концертот го завршивме со дела за четири раце за пијано од Шуберт и Моцарт. Овој концерт беше во организација на Фондацијата „Промузик/ Проарте“, која е позната по афирмација и подигање на културниот и уметничкиот живот во општината Керпен во Келн. Салите беа полни и на двата концерти, што беше уште поголем стимул за мене како уметница.

Каков беше приемот на концертите од тамошната јавност?

– Публиката беше многу наклонета кон уметниците. Таа ја препознава нивната макотрпна работа, вежбање со часови на својот инструмент и, што е многу позитивно, секогаш се спремни да слушнат нешто ново, нови дела и од современиот опус на композиторите. Одличен прием имаа македонските дела, и не само тука, каде и да свирам оставаат впечаток и привлекуваат интерес.

Дарко Костовски, Даница Стојанова и Емир Имеров

На фотографиите од концертите се присутни и наши уметници што живеат и работат во Германија. Какви беа нивните реакции?

– И двајцата уметници Емир Имеров и Дарко Костовски се доста почитувани во Германија, континуирано се на сцена, имаат успеси со свои студенти, двајцата ми се посебни и драги и се радувам што нашата соработка е на високо ниво и многу се поддржуваме. Емир не беше на мојот концерт зашто истиот ден тој имаше свој настап, но неговата фамилија дојде и тоа за мене беше поттик за добробит, љубов, радост и давање повеќе на сцената.

Со Дарко настапивме, односно свиревме заедно, а чувството беше среќа и задоволство. Мојот живот е поврзан со пријателства што ги негувам и вложувам многу, оттука слободно можам да речам дека тие се дел од мојата фамилија. Светот е отворен за сите добри луѓе. Уметниците се посебна категорија и се благословени, а ние мораме да се грижиме за тој благослов. Да сакаш и да поддржуваш, да свириш музичка приказна на која ѝ нема крај, ами е инспирација и вдахновеност. Ете тоа беше нашата реакција деновиве во Германија.

Заеднички настап на Дарко Костовски и Даница Стојанова во Керпен

Воопшто, што значат концертите од овој тип за музичките уметници и изведувачи?

– Секоја нова сцена е како нов свет, нова приказна, нов живот, нова светлина, нов почеток, можност да дадеш нешто повеќе од себе како уметник, како музичар каде ќе оставиш можеби мала трага, но со себе ќе понесеш сеќавање кое ќе те прави да бидеш подобар човек и уште подобар уметник. Нема секој можност да концертира надвор од својата земја, на нас останува да се пласираме и да настапуваме на светските сцени каде што ќе имаме можност да ја раскажеме нашата македонска сага полна со сјајни ритми и фолклорни мелодии што нѐ прават горди и среќни, бидејќи имаме земја и уметност која заслужува почит. Ние сме амбасадори на Македонија и како такви треба да останеме на тој пат.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 169, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот