Разговор со Марија Митевска, специјалист по биолошки науки: Дали аутизмот се лекува?

Марија Митевска
Марија Митевска / Фото: Приватна архива/Pexels

Од 2 до 4 јуни во Белград ќе се случува конференција на која ќе се обработуваат теми од областа на медицинската природа, дијагностика и можните начини за терапија на разни развојни пречки и аутизмот. Конференцијата ќе се пренесува и онлајн, а за лица од регионот на поранешните југословенски републики, вклучително и Македонија, конференцијата е бесплатна.

Бидејќи лицата со заболувања честопати имаат комплексни невроимунолошки или метаболички нарушувања како подлога на болеста, пристапот мора да е интердисциплинарен и персонализиран. За жал, во регионот, како и во остатокот од светот, овој пристап не е секогаш овозможен, засега.

Марија Митевска е специјалист по биолошки науки и претседател на здружението „Ин Спектрум“, здружение што се залага за подобрување на здравствената заштита на децата односно лицата од аутистичниот спектар на нарушувања и други развојни нарушувања, како и организирање различни видови едукација за лекари од сите области поврзани со оваа тема. Здружението спонтано е формирано од родители на деца со пречки во развојот во Македонија и во регионот.

– Со цел да им помогнеме на своите деца, по наша иницијатива истражувавме странски клиники каде што се третираат разни медицински состојби поврзани со развојните заостанувања и аутизмот. Нашите деца имаа можност да бидат пациенти на тие клиники и да добијат соодветни терапии. Како родители, ние го сведочевме подобрувањето на состојбата на сите деца што се лекуваа во овие центри. Но, по овој пат сретнавме и многу деца чии родители не беа во можност да си ги дозволат истите дијагностички третмани и лекувања или воопшто не беа упатени во нивното постоење – ни објаснува Митевска.

Со каква цел се формираше „Ин Спектрум“?

– Главна цел, водилка при формирањето на „Ин Спектрум“ ни беше да им се помогне на децата од Македонија и од регионот, односно ваквите протоколи што се базирани на медицина заснована на докази, да бидат имплементирани и во нашиот здравствен систем и да бидат достапни за што поголем број деца. Брзо по формирањето на здружението, се поврзавме со други регионални здруженија на родители со иста цел и одлучивме со заеднички сили да помогнеме во организирањето меѓународна научна медицинска конференција за аутизам и развојни нарушувања, прва од ваков тип во Југоисточна Европа. Идејата е лекарите од странство, регионот и од нашата земја да разменат научни знаења и досегашна добра клиничка практика за третирање на ова комплексно невроимунолошко нарушување, а со цел обезбедување благовремена медицинска поддршка на овие деца за да го достигнат својот максимален потенцијал.

Споменавте дека сте во организацискиот одбор на меѓународна медицинска научна конференција за аутизам, прва од ваков тип во Југоисточна Европа. За каква конференција станува збор?

– Станува збор за тридневна конференција што ќе се одвива од 2 до 4 јуни во хотелот „Мона Плаза“ во Белград, а ќе се пренесува и онлајн. На конференцијата ќе се обработуваат теми од областа на медицинската природа, дијагностика и можните начини за терапија на разни развојни пречки и аутизмот за кои постојат дијагностички критериуми и протоколи за терапија. Во улогата на говорници ќе гостуваат еминентни истражувачи и клиничари од САД, Русија, Италија, Франција, Полска, Украина и регионот. Бидејќи станува збор за комплексно и честопати мултиорганско нарушување, за да се опфатат многубројните теми ќе зборуваат педијатри, невролози, имунолози, гастроентеролози, психијатри, генетичари и клинички биохемичари. Досега за присуство во живо се пријавени околу 400 учесници, а за онлајн учество се пријавени приближно 900 учесници. Онлајн регистрацијата е отворена до 1 јуни.

За кого е наменета конференцијата и кој сè може да присуствува?

– Конференцијата е наменета првенствено за стручни медицински лица од споменативе области и е акредитирана во Лекарската комора на Србија како меѓународна конференција и носи 10 поени за присутните лекари. Но, секако, на конференцијата се добредојдени сите лица кои поради професионални или лични причини имаат интерес во причинителите, дијагностиката и третманот на аутизам и други развојни пречки. Особено би нагласила дека конференцијата е соодветна за стручни лица – дефектолози, логопеди, психолози, педијатри и слично – кои поминуваат значително време со лица со аутизам или развојни попречености. За лица од регионот на поранешните југословенски републики, вклучително и Македонија, конференцијата е бесплатна благодарение на нашите спонзорства. Сепак, доколку преферирате да ја следите конференцијата онлајн, регистрацијата трае до 1 јуни и е отворена кон сите заинтересирани лица.

Каква е состојбата кај нас кога е во прашање дијагностиката и терапијата на медицинските причини за аутизмот и развојните заостанувања. Дали професионалците од регионот заостануваат зад светот кога се во прашање решенија за деца со дијагноза аутизам и дали аутизмот се лекува?

– Мислам дека не заостануваат, јас повеќе би кажала дека светот заостанува зад потребите на децата. Постојат центри лидери во светот, кои интензивно работат на изнаоѓање решенија, но бидејќи лицата со заболувањата честопати имаат комплексни невроимунолошки или метаболички нарушувања како подлога на болеста, пристапот мора да е интердисциплинарен и персонализиран. За жал, во регионот, како и во остатокот од светот, овој пристап не е секогаш овозможен, засега. Сепак, науката во ова поле се развива со исклучителна брзина заради ургентноста и алармантноста на состојбата на децата. Токму затоа и ја организираме оваа конференција што претставува исклучителна можност на едно место да се чујат најновите сознанија во дијагностиката и терапевтските пристапи на ова комплексно заболување. Особена благодарност сакаме да изразиме на д-р проф. Аспасија Софијанова, директор на Детската клиника во Скопје, која прави напори дел од овие дијагностички протоколи и третмани да се имплементираат и кај нас, со што би се вброиле во редот лидери во регионот за дијагностика и третман на развојните заостанувања и аутизмот кај децата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот