Јулија Кастелучи, сонична скулптура

Разговор со Јулија Кастелучи, концептуална уметница: Тренирам метафизички џогинг по стварноста

Со силно изразена интуиција, храброст да се работи со нематеријалното и емпатија кон живиот и неживиот свет, Јулија Кастелучи трпеливо и бескомпромисно го гради своето уметничко портфолио.

Креациите на македонско-српската концептуална и перформанс уметница Јулија Кастелучи го опфаќаат полето на временската и просторната уметност преку звучни, визуелни и пишани форми. Дејствува во областа на таканаречената „ситуациона уметност“ и работи со тоа што ја опкружува.

При изведбата на перформансите често се случува и публиката да биде дел од материјалот за работа. Затоа не е невообичаено да ја сретнете во јавен простор како изведува некој перформанс. Иако последниве години има широк радиус на движење, сепак често ја сретнуваме во Скопје.

Што е тоа што постојано те враќа во Скопје, иако не ти е роден град?

– Ајварот, сонцето и супстанцијата на ова миракулна земја што не може да се види со голо око. Не е важно на кое парче земја си роден, туку чувството што некоја земја или некоја личност ти го предизвикува, а за мене е важно чувството на топлина. Такви чувства ми предизвикува Македонија, како мајка ми, ме грее и затоа постојано се враќам, просто не можам без неа, таа ме исцелува на некое мета ниво. Колку надреално и да звучи ова, особено во стихијата во којашто оваа земја се наоѓа, го анестезирам социолошкиот и политичкиот фрагмент, и ја апстрахирам есенцијата – таа супстанција што не може да се опише, туку може само да се почувствува.

Јулија Кастелучи/ Фотографија: Милорад Глушица

Како се случи во уметноста да дејствуваш како сонична скулптура?

– Па, се случи случка… Постојано истражувам и доаѓам до сознанија во која насока да се движам.

Неодамна одржа „Ламент на ѓубрето“. Како се појавува креацијата?

– Самиот живот го користам како материјал за работа и реагирам на она што ме опкружува, а бидејќи сум атмосферопат, не можам да си дозволам да се потопувам во атмосферите што ме опкружуваат, затоа морам да реанимирам и да реагирам, и создавам сопствена атмосфера, сопствена димензија од којашто делувам, творам.

Што туку дојдов од Милано во Скопје. Прво на што налетав беше ѓубре, не дека порано го немало, ама ова беше некаков пик, и застанав и си поставив едно реторичко прашање: кој можел ова да го смисли? Па тоа може да го смисли само човеколико ѓубре со ѓубреџиски ум кој доаѓа на генијална идеја „не собираме ѓубре бе, брат, ама собираме поени“. Ете, тоа е пикот на креативноста на ѓубреџискиот ум.

Амбалажата не е ѓубре ако соодветно се истретира, ама станува ѓубре кога тотално ќе ја запоставиш и кога ќе тргне да се одразува несоодветно во околината во којашто се наоѓа. Како и човеколиките ентитети што не се соодветно истретирани – на тие човеколики ентитети, на пример, можеби седум колена наназад не им е третиран генот како што треба, и тие човечки суштества со несоодветно третиран ген не можат да смислат ништо покреативно. Нивниот ум, по аксиома, станува ѓубреџиски ум кој го досега врвот на креативноста – уништување, загадување, убивање. Нетретираниот ген и ѓубреџискиот ум не се локален проблем, туку глобален.

Перформанс „Ламент на губрето“ во Дебар Маало / Фотографија: Игор Јосифов

Колку во тоа што го работиш има интуиција и што е потребно за реализација на перформансите?

– Интуицијата ми е еталон, од таму тргнувам. Имам три постулати што ми се како компас: 1. предаденост на интуицијата; 2. храброст таа да се следи; 3. свест дека не можеш еден сентимент да јаваш бесконечно. Прво ги чувствувам работите, потоа ги доживувам и на крај ги материјализирам низ некоја форма. Некогаш тоа е ефемерен перформанс, некогаш е некоја звучна интервенција што има одредена форма, а некогаш е само одредена ситуација што има своја структура, соноритет или компактност која може да се доживее на бескрајно многу начини. Сѐ зависи до состојба на умот на сведокот што го перципира тоа, бидејќи сѐ што перципираме е проекција на нашиот ум. Еднаш Тарковски има изјавено дека кога тој прави филм, прави еден филм, ама ако тој филм го погледнат 29.376 луѓе, тогаш тоа се 29.376 различни филмови.

Работиш со нематеријални нешта. Што е тоа што останува?

– Останува само засилен образец на стварноста што ја надминува стварноста.

Последниве години живееш и работиш на релација Милано – Берлин – Париз. Што те поврзува со овие уметнички средини?

– Уметноста е како мост, таа ме поврзува, секогаш. Паралелно творам во овие три града, и практично како да живеам три различни животи. Такво ми е чувството. Во Милано моментално сум на уметничка резиденција на која работам една нова звучна инсталација наречена „Wall – Fabric of Spacesound“, која премиерно ќе биде поставена на аеродромот во Бергамо.

Во Берлин работам со Саша Валц и со саунд-студиото MONOM4D, а во Париз продолжувам со соработката со Бенџамин Пулан, со кој премиерно веќе ја изведов звучната инсталација „Sonic Milk“ во „Функхаус“ во Берлин.

Постојано истражувам и доаѓам до сознанија во која насока да се движам

Што ќе биде твојот следен уметнички акт во Скопје?

– Историски гледано, сите теми се прилично исцрпени, но веќе некое време се обидувам да допрам една тема – тоа е како го читам животот и сопствената интерпретација на слободата. Слободата е нешто што најмногу им се одзема на луѓето низ фазите на нашата цивилизација, а интерпретацијата на одземањето на слободата е многу видлива, па затоа ме чепка.

А другите теми што ги допирам се времето и просторот. Времето како најнејасната димензија на нашите животи. Моето толкување на времето и просторот сега е поврзано со звукот и со гласот. Користам звук и глас во форма на звучна скулптура за да создадам апстрактен цртеж во времето и просторот во кој мислам дека се наоѓам, преку вокална естетика, тембр и фреквенцијата на сопствениот глас. Звукот е голем и моќен простор што ме интересира, ме провоцира и ме ангажира.

Уметникот треба да може да ве испровоцира, емотивно да ве ангажира, да ви понуди некоја нова мисла, да ве однесе на место каде што можеби никогаш порано не сте биле или не сте знаеле дека воопшто постои во вас. Да отвора нови порти, состојби и сознанија, или просто да ви промени чувства, за кога ќе се вратите дома и си легнете во кревет, да се чувствувате поинаку од вчера. Уметноста има потенцијал за тоа.

Моментално подготвувам една „сонична ситуација“ која ќе ја изведам на 18 ноември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност, во рамки на 15. Биенале на млади уметници.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 306, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот