Разговор со Јана Коцевска: Вистинските хероини се непретенциозни и „невидливи“

Жените кои не претендираат да се покажуваат, оние невидливите, надвор од јавната и политичката сфера, кои успеваат да го поминат денот со сите предизвици пред нив и да живеат понатаму во неизвесност, тие се оние вистинските хероини, вели Јана Коцевска.   

Неодамна заврши повикот за номинации на жени-хероини. Хероини на секојдневието, жени борци за еднаквост и женски права, за заедничкото и заедницата, занемарени шампионки за подобар свет. Овој повик беше распишан од организацијата „Тиииит!“, на чија адреса пристигнале 33 номинации за наградите насловени „Жени за Жени“. Доделувањето на наградите е закажано за месец март.

Наша согововорничка во „Женски печат“ е Јана Коцевска, основачка на „Тиииит! Инк“ и организаторка на фестивалот „Прво па женско“.

Oрганизацијата Тиииит! Инк. стартуваше иницијатива за награди „Жени за Жени“ (WOW Awards;Women on Women), а повикот за номинации неодамна заврши. Колку жени-хероини на денешницата се пријавија и каков профил на жени доминираат меѓу кандидатките за награда?

– Повикот кој беше отворен за номинации траеше цели два месеци и заврши на 12. јануари. Во овој период, пристигнаа вкупно 33 номинации за „Жени за Жени“ наградите, што особено нѐ радува. Кандидатките, кои беа номинирани од страна на своите сограѓанки и сограѓани, се навистина важни активни индивидуи, важни личности, секоја во својот домен на дејствување, и групи на граѓанки, кои на свој специфичен начин имаат влијание врз политиките, животната средина, подобрување на социјалните услуги и заштита, преиспитување на културните и општествените појави, помагање на најзагрозените групи, како на пример, мигрантите и оние кои се на маргините на општеството, кои се секогаш заборавени. Меѓу номинираните има и онакви жени кои преку својата професија, која ја работат со извонреден квалитет и страст, инспирирале многу луѓе и, притоа, несебично биле свесни за тоа колку значи преземањето одговорност за заедницата и придонесот кон нејзиниот развој.

Која е целта на проектот „Жени за Жени“ ?

– Проектот „Жени за жени“ (Women on Women; WoW) е партнерски проект меѓу „Тиииит! Инк.“ и „Место Женск“ (Mesto Žensk; City of Women) од Љубљана, „Вокс Фемина“ (VoxFeminae) од Загреб и „Аутлендиш Тиатар Платформ“ (Outlandish Theatre Platform) од Даблин, организации кои се фокусирани на феминистичка културно- уметничка продукција, активности и акции кои имаат задача да ги преиспитуваат општествените и културните појави кои се однесуваат на родовата рамноправност и феминистичките вредности. Овој проект ги адресира горливите прашања на родовата еднаквост во Европа, низ историска и современа перспектива, преку создавање на наративи кои сакаме да ги пренесеме во општеството и спротиставувавјќи се на растечките тенденции на национализам, исклучување на маргинализираните, расизам и патријархални идеологии кои повторно силно доминираат во Европа, занемарувајќи ја историската лекција за периодите од минатиот век, кога овие ужасни вредности биле во полн капацитет. Географската положба на организациите-партнери не е случајна. Македонија, Хрватска и Словенија се земји кадешто поминува траекторијата на мигрантите, а дел од нив стигнуваат до Ирска како крајна дестинација. Овој проект има посебен фокус на овие миграциски групи на жени и нивната општествена и економска интеграција.

Пристигнаа вкупно 33 номинации за „Жени за Жени“ наградите, што особено нѐ радува.

Мислите ли дека медиумската видливост на жените хероини, жените борци за еднаквост, рамноправност и праведност, може да придонесе за поголеми промени на ова поле во секојдневниот живот, и како?

– Веруваме дека преку зголемување на видливоста се градат вредности кои се примарна потреба за понатамошни промени. Веруваме дека тие актери во јавниот, па и приватниот живот, градат хоризонтали кои преплетени во една таква мрежа на дејствување се вистинската движечка сила која води кон промени, иако, навидум, тоа изгледа бавно и тешко остварливо. Сметаме дека граѓаните мора да сфатат дека треба да настојуваат да ги користат политичките алатки и преку институциите да ја бараат правдата како поединци или заедници, особено на локално, а понатаму и на централно ниво. Доколку се повидливи ваквите успешни приказни, тие ќе нѐ инспирираат посветено да работиме на решавање на проблемите.

Што за вас лично значи поимот жена-хероина? Која македонска жена, според вас, за сега, се покажала како хероина?  

– Токму оние жени кои не претендираат да се покажуваат, оние невидливите, надвор од јавната и политичката сфера, кои успеваат да го поминат денот со сите предизвици пред нив и да живеат понатаму во неизвесност, тие се оние вистинските хероини. Понатаму, оние жени кои излегуваат од комфорот и удобноста на своето живеење, кои вложуваат свое време, труд и волја за да направат промена, да им помогнат на оние на маргините и кои дејствуваат во насока на подобрување на состојбите, политиките и социјалните услуги со цел вклучување на сите граѓани во општественото живеење. Голем проблем на денешницата е глобалниот тренд на создавање огромни класни разлики на безобразно богати и очајно сиромашни луѓе, исто така создавањето на разни други дискриминаторски елементи насочени кон поедини групи на граѓани кои продуцираат насилство и неправда. Секоја онаа жена која придонесува во надминување на тие разлики, која потсетува дека патријархатот, мизогинијата и хомофобијата се нешта против кои треба постојано да се бориме, таа е хероината која ние ја препознаваме.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот