Елена Ристеска и Панчо од „ДНК“ /Фото: Приватна архива

Разговор со Елена Ристеска: Најголем страв на Панчо му беше да ги остави децата без татко

„Најголем страв му беше да ги остави децата без татко како што растеше тој“, вели за „Слободен печат“ поп-пејачката Елена Ристеска за својот близок другар и соработник Владимир Блажев-Панчо кој почина вчера во Скопје.

Панчо седум месеци беше во болницата „Аџибадем Систина“, борејќи се по последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март. Панчо од дуото „ДНК“ беше татко на два сина, Андреја, кој има 14 години, и Марјан кој има 10.

Фото: Приватна архива

Елена Ристеска редовно се слушала со неговата сопруга Маја, која пред извесно време ѝ рекла дека состојбата на Панчо се влошила. Ристеска вели дека ќе ѝ треба многу време да прифати дека нејзиниот брат, како што го викаше Панчо, веќе го нема. Таа уште не верува дека загина Сара Пројковска, која заедно со Ана Костадиновска ѝ пееше придружни вокали.

– Не можам да верувам дека Сара не е до мене на сцена кога ќе се свртам – вели Елена и додава дека смртта на Андреј Ѓорѓиевски, сите членови на „ДНК“ и сите млади луѓе кои загинаа во пожарот во Кочани за неа сè уште се голем шок.

– Не можам да одберам зборови за да искажам колку сум во неверување и шок. Како да сум во сон и чекам да се разбудам. Многу ми е тешко ова, тешко како планина. Од срце се надевав дека ќе се избори, затоа што знам колку беше борбен во животот. Цело време ѝ пишував на Маја, жена му, надевајќи се дека ќе ми каже дека е добар и дека се вратил дома. Но, не можам уште да поверувам дека не успеа овојпат да се избори. Панчо ми беше близок како брат, му се доверував и тој мене дури и за најинтимни работи. Се случуваше да се потскарам со сестра ми, како и сите сестри, а тој ме смируваше со неа. Последен пат се видовме и ми ја пушти „Фала“ пред да биде пуштена во етер и ја дискутиравме. А воедно сакаше да направиме дует со „ДНК“, па се договаравме Лазар Цветкоски да ни направи песна – се сеќава Елена на дружбите со Панчо.

Фото: Приватна архива

Во еден период, тие биле соседи и се гледале во нивното маало, долго разговарајќи додека седеле на клупите пред зграда.

– Безброј видеа снимав за него и „ДНК“ со задоволство секогаш за неговите песни и видеа. Во еден спот му гостував со внука ми Делфина која многу го сакаше Панчо уште од малечка. Ах, имам милион спомени да споделам, безброј смеења со часови и безброј разговори со часови. Турнеи заеднички, настапи заеднички, спотови. Тој многу работеше, во последно време да кажам 80 отсто од животот кај него беше работата. Премногу вреден и способен. Сакаше секогаш да помогне на колегите, на луѓето. Ќе ми речеше: „сис“ (скратено од „sister“ на англиски), ние ќе пееме таму и таму, ајде да пееш и ти со нас. Во последно време немавме ни кога да се видиме. Само се договаравме за на клупи да си седиме пак во маало, ама ете не се случи тоа. Имав толку многу нешта да му кажам, сакав да го видам, но не беше возможно да се дојде до него по трагедијата. Уште долго по ова нема да можам да се опоравам. Премногу блиски луѓе заминаа, а загубата на Панчо е кулминација на сите болки во мојот живот – вели за „Слободен печат“ Елена Ристеска.

Фото: Приватна архива

Таа и Панчо во 2016 година ја снимија дуетската песна „Како да се радувам“, која доби награда за најслушан хит на радискиот фестивал МАРС.

Во време на ковид-пандемијата, „ДНК“ издадоа ДВД од нивниот концерт во 2017 година во „Метрополис арената“ со кој прославија 15 години на музичката сцена. На социјалните мрежи тогаш, Андреј Ѓорѓиески и Владимир Блажев – Панчо објавија дека секој кој ќе го нарача ова ДВД ќе го добие лично од нив, како поддршка за нив и за сите музичари кои не настапуваа и не заработуваа во текот на пандемијата.
Елена Ристеска беше дел од оние кои го нарачаа ова издание, а Панчо ѝ го достави лично до нејзиниот дом и ѝ се потпиша.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот