Разбеснет ученик од Скопје со дрвена палка и бекатон плочки расцепил глава на соученик – се изнервирал што изгубил во фудбал

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Основец од Скопје разбеснето фрлал со бекатон плочки по други деца, а на едното, кое само било на поминување односно се упатувало кон автобуската станица за да си оди дома му ја расцепил главата со дрвена палка дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори од кои дел биле очевидци на насилството.

Вознемирувачкиот настан се случил вчера околу 13 часот и предизвикал паника и загриженост кај родителите. Детето кое било повредено, со расцепена глава било однесено во Градската болница да му се помогне. Нападот се случил во близина на две училишта во центарот на Скопје, а во едното од нив се одржувал натпревар во фудбал меѓу повеќе училишта.

-Маваше со голема палка и со голема бекатон плочка по другите деца. Имаше врескање, турканица, а тој како полуден ги нападна децата зашто не неговиот тим – туку тим на друго училиште победил на натпреварот во фудбал што непосредно пред тоа се одржал, раскажува за „Слободен печат“ очевидец на настанот кој се случил среде бел ден.

Се собрале лица од обезбедувањето на училиштето, наставници притрчале на помош и напаѓачот завршил во полициска станица.

Директорот на Градската болница доктор Љубен Арсенков за „Слободен печат“ потврди дека вчера 14 годишно дете било донесено во јавната здравствена установа, откако претходно било повредено од страна на непознато лице за време на активности во училиште (така пријавиле во болницата).

-Имаше рана на главата, сошиена е раната, даден е антибиотик и профилакса а за понатамошно лекување упатен е на Клиниката за неврохирургија, рече доктор Арсенков.

Во полиција настанот е пријавен од страна на родителот на повредениот ученик 46 годишниот Т.Ј.

„На 4 мај 2023 во 14 часот и 25 минути во СВР Скопје Т.Ј.(46) од Скопје пријавил дека околу 12 часот и 45 минути на улица „Истарска“ позади Олимписки базен, малолетник со дрвен предмет го нападнал неговиот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, известуваат од МВР за „Слободен печат“.

Нашата редакција контактираше две основни училишта од тој реон за кој имаме информации дека се основните училишта во кои се одржувал натпреварот и од каде е напаѓачот. Нивните одговори ќе ги објавиме откако ќе ги добиеме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот