Раперот Офсет е ранет во пукање пред казино на Флорида – приведени се две лица
Американскиот рапер Офсет бил ранет вчера во пукање што се случило пред казино на Флорида, потврдија од неговиот тим, пренесува „Њујорк Тајмс“.
Препорачано
Според портпаролот, музичарот во моментов се наоѓа во болница, а неговата состојба е стабилна и под постојан надзор на лекарите.
Инцидентот се случил вчера во вечерните часови пред хотел и казино во Холивуд, Флорида, а полицијата соопшти дека пукањето се случило на паркингот. Повредениот бил пренесен во блиска болница за понатамошно лекување.
Надлежните служби брзо реагирале и го обезбедиле местото на настанот, а две лица се приведени. Од полицијата истакнуваат дека ситуацијата е ставена под контрола и дека нема закана за јавноста, додека истрагата за околностите на пукањето продолжува. Идентитетот на напаѓачот, како и мотивот, засега не се познати.
Да потсетиме, Офсет е член на хип-хоп групата „Мигос“, чиј член Тејкоф трагично го загуби животот во ноември 2022 година за време на пукање во куглана, по конфликт што избувнал за време на игра со коцки.
Во приватниот живот, Офсет има три деца со раперката Карди Би, со која моментално е во процес на развод. Нивниот брак, кој траеше речиси седум години, заврши по подолг период на несогласувања и обвинувања за неверство. Според претходни наводи од извори блиски до парот, разделбата е резултат на нивно постепено оттурнување.


