Еди Рама, премиер на Албанија/Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Рама „му се пушти“ на Курти: Посакуваш Хашим Тачи засекогаш да остане во Хаг

Албанскиот премиер Еди Рама остро реагираше на изјавата на движењето „Самоопределување“, на Аљбин Курти, по најавата за протестот што ќе се одржи утре во Тирана, во поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово, кои се во Хаг, пишува „Приштина инсајт“.

Движењето му порачало на Рама дека треба да реагира и да го крене гласот во повисоките тела како што се Советот на Европа и ОН за ова прашање, наместо да организира протести во Тирана.

Во својата реакција, Рама го обвинува „Самоопределување“ за искривување на претходните ставови за Специјалниот суд, нагласувајќи дека самиот тој во секоја прилика ја осудувал „фарсата против Хашим Тачи и другите“, додека, според него, „познато е колку „Самоопределување“ се придвижило во таа насока“.

„Движењето Самоопределување ми посвети долга објава, каде што е напишано дека пред 10 години сум бил за, додека тие биле против Специјалниот суд… Јас ја осудував фарсата против Хашим Тачи и другите, секогаш и секаде каде што имаше можност или потреба“, наведува Рама.

Шефот на албанската влада додаде дека не е во никаква конкуренција со „Самоопределување“ и неговиот лидер Аљбин Курти, но дека жали што тие „ги мешаат институционалните односи на Косово со Албанија во чорбата на вториот круг од локалните избори“.

Осврнувајќи се на ставовите од пред десет години, Рама додава дека „Самоопределување“ „дури и не ја признало химната на Косово, а камоли невиноста на Хашим Тачи” и оти со “неговиот лидер би сакале Тачи засекогаш да остане во Хаг“.

Тој додава дека Специјалниот суд е основан за да истражува наводи за трговија со органи, а не да го „земе претседателот на Република Косово (Тачи) како заложник“.

На крајот, Рама појасни дека тој не е ниту организатор ниту говорник на протестот „Правда за ослободителите“, но го поддржува од сè срце, нагласувајќи дека секое негово политизирање би било на штета на целта и пораката на протестот.

Премиерот Рама, протестот, кој е свикан утре во 17 часот, на плоштадот “Скендербег, го најави на Фејсбук, при тоа порачувајќи дека „сите Албанци од Косово, Северна Македонија, Албанија, дијаспората и секој агол од албанските земји треба да се приклучат на овој сенационален протест“.

ВИДЕО | „За поддршка на поранешните лидери на ОВК“: Рама ги повика Албанците од Косово, Македонија, Албанија на протест во Тирана

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот