Русија Украина - Извор Геополитика

Путин планира серија лажни напади во Русија за да ги саботира преговорите, предупредува Киев

Украинската служба за надворешно разузнавање денеска предупреди дека Кремљ планира да изврши напади со лажно знаме на сопствена или на привремено окупирана украинска територија, со цел да ги саботира мировните преговори со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Политико“.

Предупредувањето доаѓа откако Киев претходно ја обвини Москва за инсценирање на наводен украински напад со беспилотни летала врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин, со цел нарушување на мировниот процес. Според украинските разузнавачки служби, Русија сега планира дополнителна ескалација преку исцениран напад со голем број жртви, во пресрет на православниот Божиќ на 7 јануари.

Украинското разузнавање наведува дека овие проценки се засноваат на следење на подготовките за интензивна кампања за дезинформации од страна на Кремљ.

„Со голема веројатност предвидуваме премин од манипулативно влијание кон вооружена провокација од страна на специјалните служби на Руската Федерација, што би резултирало со значителни човечки жртви“, се вели во соопштението на украинската служба за надворешно разузнавање.

Според нив, местото на провокацијата би можело да биде религиозен објект или друг објект со големо симболично значење, како на територијата на Русија, така и на привремено окупираните делови од Украина.

Како што се наведува, Кремљ планира да ја обвини Украина за нападот преку употреба на беспилотни летала од западно производство, кои наводно би биле лансирани од фронтовските линии кон местото на исценираниот инцидент.

Украинската разузнавачка служба оценува дека ваквите операции се во согласност со досегашниот начин на дејствување на руските специјални служби.

„Режимот на Путин повеќепати ја користеше оваа тактика во рамките на Руската Федерација, а сега истиот модел се извезува и надвор од земјата, што индиректно е потврдено и со јавни изјави на високи руски функционери“, се наведува во соопштението.

Како еден од најпознатите примери се посочуваат бомбашките напади врз станбени згради во 1999 година во Москва, Бујнакск и Волгодонск, во кои загинаа повеќе од 300 лица, а над 1.000 беа повредени. Иако официјално нападите беа припишани на чеченските милитанти, тие послужија како повод за започнување нова војна во Чеченија и значително ја зголемија популарноста на Владимир Путин во пресрет на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот