Првите ефекти од најавената „чистка“ за шест месеци

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Со надградување на веќе постоечките правила за оценување и утврдување одговорност на судиите и обвинителите, со стартот на новата година, започнува и долго најавуваното проветрување во правосудството.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека, како и досега, нивната работа во процесот на филтрацијата, односно оценувањето на обвинителите завршува со поведување постапка за дисциплинска одговорност. Тој потврдува дека за петте дисциплински постапки што ги покренале во 2020 година не биле утврдени и елементи на кривично дело од страна на посочените обвинители. Доколку имало таков случај, додава Јовески, Јавното обвинителство ќе покренело кривична пријава. Првиот човек на ОЈО нагласи и дека постапката за одговорност се прекинува во оној момент кога лицето веќе нема да ја обавува функцијата јавен обвинител, па така, имало и случај кога обвинител дал отказ во моментот кога дознал дека за него била утврдена нестручност, со што и запрела самата постапка. Јовески уверува дека сега засилено ќе се проверува работата на неговите колеги, односно ќе се прави увид во шест предмети, три по случаен избор и три на предлог на оценуваниот обвинител.

-Доколку се констатира нестручно работење, односно се загрозени или повредени правата на странките тогаш случајот ќе биде прераспределен кај друг обвинител и неправилностите ќе се санираат, а ако предметот е со веќе правосилна одлука тогаш може да се побара повторување на постапката, изјави обвинител Јовески, додавајќи дека првите резултати од оценувањето со новите изострени критериуми може да се очекуваат во јули.

Што се однесува до оценувањето на судиите, пак, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев исто така вели дека по новите правила работат веќе година и половина, но сега измените се однесуваат на динамиката и допрецизирањето на критериумите. Здравев нагласи дека со измените продолжува процесот на оценување, кој важел и во постапките за деветте судии што Советот ги разрешил изминатиов период. За разлика од кај обвинителите, согласно законските одредби, кај нас не запира постапката за разрешување ако судијата даде оставка или се пензионира, но тогаш нашата констатација е само декларативна, дополни Здравев.

-Седниците на Судскиот совет се јавни и јавноста може да се исклучи само во одредени случаи кога се зборува за податоци за личноста на судијата. Ние ја почитуваме презумцијата на невиност, но по правосилноста донесената одлука против судијата се објавува во Службен весник со степен на анонимизација. Не се гордееме што сме разрешиле девет судии, односно тие самите се разрешиле, а Судскиот совет само тоа го констатира, одговори Здравев прашан за транспарентноста на постапката.

Од друга страна, министерот за правда Бојан Маричиќ потенцира дека ново е тоа што сега се јасно одредени критериумите по кои ќе се утврдува одговорноста на судиите и обвинителите, велејќи дека сега се отвора простор за ревидирање за топ-100 случаи кои имаат тежина и значење во јавноста.

-Овој процес како на Влада и на Министерство ни е од исклучително значење и веруваме дека истиот ќе придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, која во моментот е на загрижувачко ниско ниво. Ние не сакаме на било кој начин да правиме притисок врз судството и обвинителсвото, но должни сме да се грижиме и будно да го следиме процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од било какви притисоци ослободен правосуден систем. Тоа им го должиме на граѓанитe, заклучи Маричиќ.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот