Вакцинација/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Првиот пациент во Русија прими персонализирана вакцина против рак

Во Русија, за првпат во клиничка пракса е применета персонализирана вакцина против рак, кај пациент – 60-годишен жител од Курската област, соопшти Министерството за здравство на Руската Федерација на 1 април, пренсеува „Известија“.

„Ова е навистина значаен настан за светската медицинска наука, особено за онкологијата. Оваа напредна технологија наскоро ќе стане достапна за граѓаните на кои им е потребна од медицински причини. Ова не е универзален лек, туку дополнителна алатка во рацете на онколозите“, изјави министерот Михаил Мурашко.

Постапката е извршена во Националниот медицински истражувачки центар за радиологија при Министерството за здравство на Русија. Кај пациент со меланом на кожа е аплицирана антитуморска мРНК  (mRNA) вакцина наречена „Неоонковак“. Во моментов, пациентот прима имунотерапија.

„И покрај тековниот третман, постои висок ризик од понатамошно напредување на болеста, а стандардните опции се многу ограничени. Во такви услови, употребата на персонализирана мРНК (mRNA) вакцина се смета како средство за контрола на болеста“, се наведува во соопштението.

Од Министерството посочија дека „Неоонковак“ засега може да се користи како терапија кај возрасни пациенти со неоперабилен или метастатски меланом на кожа.

„Денес сме во точка кога онкологијата станува навистина персонализирана. За првпат користиме мРНК вакцина создадена за конкретен пациент. Ова е суштински поинаков пристап – не само лекување, туку и ‘обука’ на имунолошкиот систем да ги препознае и уништи клетките што претставуваат закана“, изјави Андреј Каприн, генерален директор на Научно-истражувачкиот центар за радиологија при Министерството за здравство на Русија, академик на Руската академија на науките.

Според Мурашко, по првата примена на лекот, клиничката употреба на оваа нова технологија за спасување животи е завршена и, по налог на премиерот Михаил Мишустин, е вклучена во државната програма за гаранции.

Александар Гинцбург, научен директор на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Н. Ф. Гамалеја“, изјави на 3 јануари дека ефикасноста на руската вакцина за лекување на меланом е над 90%.

Русија ја разви првата персонализирана вакцина против рак: Претклиничките студии покажаа 100 отсто ефикасност

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот