Први концерти на отворено и со маски во август: Музичарите ќе почекаат за свирки во угостителските објекти

Фото: Слободен печат

Пандемијата со Ковид-19 ги погоди сите сектори, а со самото тоа што вирусот се пренесува лесно преку директен контакт од лице на лице, јавните собири и манифестации беа помеѓу првите настани кои добија забрана за одржување.

Како резултат на таа одлука, бројни продукции во земјава и организатори на музички настани, како и самите изведувачи останаа речиси без никакви приходи, а ноќниот живот во земјава целосно замре.

Со постепеното укинување на рестриктивните мерки, животот полека почна да се враќа во нормала, па така по бројните реакции и апели до Владата и Министерството за здравство од вчера и официјално се донесе одлука за враќање на концертите во Македонија.

 – Донесена е дозвола да се организираат јавни настани со тоа што местото треба да биде пополнето не повеќе од 50 проценти од капацитет каде што ќе се организира настанот. Здруженијата земаат и обврска самите да го контролираат спроведувањето на превентивните мерки на местата каде што ќе има настани, што е апсолутно за пофалба таквиот нивни професионален пристап – изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Одлуката на Комисијата за заразни болести за одржување на јавни настани, собирања и музички концерти ја поздравија и од Асоцијацијата за Ивент Индустрија (ИВАП), од каде соопштија дека е составен и протокол по кој ќе се одржуваат овие настани, а со кој наскоро детално ќе биде запознаена и пошироката јавност.

„Оваа одлука е резултат на повеќемесечно залагање и преговарање на Асоцијацијата ИВАП, а во последните недели и неформалното здружение на Културните Промотери – иницијативата Музика сега. Упатуваме голема благодарност до министерката за финансии Нина Ангеловска и нејзиниот кабинет, како и до заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска и до сите останати кои беа подготвени да ги слушнат нашите барања и да се вклучат во изнаоѓање на квалитетно решение за нашиот сектор. Наскоро ќе ги објавиме и условите под кои ќе се одвиваат настаните. И како што постојано потенциравме, шоуто мора да продолжи, но секако во нови услови. Апелираме  – носете маски, чувајте се и почитувајте ги мерките за заштита“, стои во соопштението на ИВАП.

Но, и покрај дозволата за јавни собири, музичарите нема да можат да ги забавуваат гостите во угостителските објекти, бидејќи организацијата на настани од овој карактер засега ќе биде возможна само на отворено.

Протоколите практично не опфаќаат околу 20.000 музичари кои настапуваат во кафулиња, барови, ресторани, а кои од претходно, преку иницијативата „МУЗИКА СЕГА“ организираа протести во неколку градови истакнувајќи дека ваквите настани се нивниот единствен приход.

Музичари, сниматели, фотографи бараат да се направи протокол за свадбени веселби

Угостителите се уште чекаат да добијат и дозвола и специјални протоколи за организрање на свадби, крштевки и други прослави. Согласно овие протоколи, без ангажман остануваат и Националните културни институции.

Македонската Филхармонија пред еден месец доставила предлог протокол за одржување концерти во малата и големата сала, но надлежните се уште немаат донесено одлука за ова. Со оглед на тоа што ситуацијата со коронакризата се очекува и натаму да трае, од Филхармонија најавија дека се можни настапи под отворено небо.

Во однос на тоа кога организаторите ќе ја искористат шансата за одржување на музички концерти на отворено во земјава, првичните најави укажуваат дека тоа ќе се случи уште кон крајот на јули и почетокот на август.

Иако се уште без конкретен датум за концерт, еден од најреномираните организатори на музички/културни настани во Македонија,Авалон продукција“, најави „одлична концертна понуда“ за август и септември.

„Концертите се враќаат во Македонија! Успеавме да се договориме со Министерството за здравство концертите да се вратат во Македонија под повеќе од достоинствени услови за публиката да може да ужива, а сепак по протоколи (заштитни маски и скратени капацитети) за безбедно одржување! Авалон се враќа со одлична концертна понуда за август и септември – open air. Сите детали, следната недела.Време е за нешто убаво и ова лето!“, стои во соопштението на Авалон.

Од друга страна, добро познатиот фестивал кој се одржува секоја година во Дојран Д Фестивал, а кој првично ова лето требаше да се одржи од 3 до 5 јули, одложен е за крајот на август, односно ќе се одржи од 21 до 23 август под посебни услови.

„Будење!  Од 21-23-ти август, единствената вистинска фестивалска авантура кај нас полни 10 години! Декадата ја славиме со подготовка на посебно селектирана програма за вашите искусни фестивалски уши“, пишува во официјалната најава на овој фестивал, со што е објавена и целосната музичка програма.

Покрај ова, најавено е и одржувањето и на фестивалот „Ohrid Calling“ од 31 јули до 3 август, а сите други манифестации и концерти планирани за ова лето допрва треба да добијат свој датум.

Капацитетите на локациите каде ќе се одржуваат настаните како што најави и Филипче ќе мора да бидат преполовени, а картите ќе може да се продаваат само он лајн за да нема метеж на билетарниците, додека организираторот е должен да воспостави ред во почитувањето на мерките, со тоа што гостите во текот на целиот концерт задолжително ќе мораат да носаат заштитни маски.

Останува да се види како ќе изгледаат концертите со маски на отворено, како и тоа на кој начин ќе се контролира групирањето меѓу присутните за време на овие забави, односно како ќе се регулира одржувањето на потребната дистанца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот