Џин Харлоу / Фото: The Hollywood Archive / Avalon / Profimedia

Првата трагична дива на Холивуд: Умрела на 26 години, а нејзината мистериозна смрт никогаш не била разјаснета

„Hell’s Angels“ (1930), „Red Dust“ (1932), „Dinner at Eight“ (1933), „Libeled Lady“ (1936) се само дел од филмовите во кои блесна актерскиот талент на Џин Харлоу (1911 – 1937), првата Американка која го освои светот со својата платинесто руса коса, пишува „Стил“.

Во својата кратка, но плодна кариера, таа соработувала со најголемите режисери во тоа време, како Хауард Хјуз, Френк Капра, Виктор Флеминг, а сите имале пофални зборови за нејзините актерски способности. И покрај нејзината убавина, богатство и слава, таа живеела прилично турбулентен и не многу среќен приватен живот.

Џин Харлоу на почетокот од својата кариера / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Брак на шеснаесет години

Харлин Карпентер, како што било нејзиното вистинско име, го поминала детството во Канзас. Таа била единственото дете на стоматологот Мон Карпентер и богатата наследничка Жан По, пораснала во раскошна семејна куќа, лишена од секаква грижа. Нејзиниот татко ѝ го дал прекарот Бејби, кој нејзините пријатели го користеле до крајот на нејзинот живот.

Кога бракот на нејзините родители почнал да се распаѓа, мајка ѝ одлучила да се разведе, нешто што било невообичаено, па дури и скандалозно за тоа време. Конечно слободна, следејќи ги нејзините амбиции за актерска кариера, мајка ѝ се преселила во Холивуд, а со себе ја зела и малата Харлин. За жал, таму ја пречекал „студен туш“ – ѝ рекле дека е престара за да добива актерски улоги.

Разочарана од своето искуство во Холивуд, мајка ѝ се вратила назад во Канзас, а својата ќерка тинејџерка ја испратила на школување во Илионис. Ослободена од контролата мајка ѝ, која ја обожавала, но и задушувала, Харлин почнала да ужива во новата средина, особено во дружењето со младите мажи. Непосредно пред да наполни шеснаесет години, таа го напуштила училиштето и се омажила за еден од нив – Чарлс Мекроу.

Џин Харлоу во 1932 година / Фото: FilmStills.net / Film Stills / Profimedia

Девојката во автомобилот

Откако Чарлс добил големо наследство, младиот брачен пар се преселил во Лос Анџелес. Харлин била на пат да го постигне она за што сонувала нејзината мајка, а тоа се случило сосема случајно. Имено, таа се зближила со својата прва сосетка Розали Рој, која се обидувала да се пробие во светот на филмот.

Додека ја чекала Розали во автомобилот за време на нејзината посета во студиото „Фокс“, убавата русокоса била забележана од продуцент. Ја повикал на аудиција за мала филмска улога, а таа по првичното двоумење се пријавила под моминското презиме на нејзината мајка – Џин Харлоу. Некаде во тоа време, завршил и бракот со нејзиниот прв сопруг.

Промотивен материјал за „Hell’s Angels“ / Фото: The Caddo Company / AFP / Profimedia

Во следните две години глумела во кратки комедии, а улогата на промискуитетна девојка во „Hell’s Angels“ (1930) ја претворила во вистинска филмска ѕвезда. На почетокот, критичарите биле скептични за нејзиниот талент, но благодарение на нејзината упорност и талент, таа успеала да обезбеди статус на ѕвезда во претежно машкото окружување кое доминирало во Холивуд во тоа време.

Таа починала од уремија (ослабена функција на бубрезите) за време на снимањето на филмот „Saratoga“. Во тој момент, Харлоу имала само 26 години и ја живеела својата најголема популарност. И покрај фактот што романтичната комедија била завршена со дублерка, „Saratoga“ е нејзиниот комерцијално најуспешен филм. Американскиот филмски институт ја прогласи Џин Харлоу за една од 25-те најголеми женски филмски ѕвезди на сите времиња.

Џин Харлоу и Кларк Гејбл во филмот „Saratoga“ / Фото: Metro-Goldwyn-Mayer Pictures / AFP / Profimedia

Теории за нејзината смрт

Низ годините, се појавија различни гласини за причината за ненадејната смрт на Џин Харлоу. Нејзината смрт била толку ненадејна и неочекувана што било инсинуирано дека била предизвикана од неуспешен абортус, диета или труење на крвта од прекумерна употреба на „белило“ за коса за да ја постигне патинестата боја – нејзиниот заштитен знак.

Човек пред огледало

И додека имала голем успех во актерската кариера, таа имала голем број проблеми во приватниот живот. Зад неа оставила еден куп кратки, несреќни, па дури и насилни врски и авантури, а имала и проблеми со алкохолот.

Особено мрачно поглавје од нејзиниот живот напиша нејзиниот брак со филмскиот режисер, сценарист и продуцент Пол Берн. Покрај тоа што постојано ја изневерувал, со текот на времето почнал да ја малтретира прво вербално, а потоа и физички.

Џин Харлоу / Фото: MGM / Christophel Collection / Profimedia

Во 1932 година, по само два месеци брак, Пол Берн си го одзел животот. Се застрелал пред огледало, оставајќи проштално писмо на шкафот. Неговото тело го пронашол батлер, а наместо да повика полиција, за убиството го известил студиото „МГМ“.

Делумно поради таа необична процедура, а делумно поради не баш чистото минато на режисерот, почнало да се шпекулира дека некој му „помогнал“ при заминувањето на другиот свет. Во морето осомничени најчесто се споменувало името на неговата поранешна девојка, која се самоубила само неколку дена по погребот на Берн.

Куќа на смртта

Потресена, Џин Харлоу се иселила од куќата во која починал нејзиниот сопруг, прекрасна палата во баварски стил на падините на Беверли Хилс. Наводно, таа им рекла на пријателите дека тоа место ја вознемирува поради чудните звуци кои се појавуваат навечер. Се шпекулирало дека куќата е опседната, а таа репутација ја имала со години по смртта на актерката, кога еден млад човек се удавил во базенот пред неа.

Во 1963 година, куќата ја купил познатиот холивудски фризер Џеј Себринг, кој се вселил со неговата девојка во тоа време, актерката Шерон Тејт. Уште од првиот ден, актерката почувствувала „чудни вибрации“, за кои раскажала во едно понатамошно интервју.

Шерон Тејт / Фото: CSU Archives Collection / Everett / Profimedia

Како што опишала таа, температурата во спалната соба одненадеж почнувала да паѓа, а чкрипењето на подовите било постојано, дури и кога никој не одел по нив. Еднаш, кога била сама во куќата, Тејт видела „фигура на морничав мал човек“. Не долго откако ја видела мистериозната фигура, таа и Себринг се иселиле од куќата. Тејт верувала дека привидот што ја преплашил е всушност духот на Пол Бирн.

И откако Тејт раскинала со Себринг за да биде во врска со режисерот Роман Полански, тие останале блиски пријатели и биле заедно во кобната ноќ, кога станаа жртви на избезумените следбеници на Чарлс Менсон од сектата „Manson Family“. Таа почина на дваесет и шест години – исто како Џин Харлоу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот