Првата дама на Њујорк го освои светот на модата: Независен и прогресивен моден јазик близок до генерацијата Зет
За само неколку појавувања, Рама Дуваџи, сопругата на новиот градоначалник на Њујорк Зохран Мамдани, стана модна сензација која ги освои срцата на жителите на градот, а и пошироко.
Препорачано
Кога ја прашуваат за нејзиниот стил, Рама Дуваџи има енергичен одговор. Во интервју за The Cut кон крајот на декември – нејзино прво како прва дама на Њујорк – таа зборува за нејзината директна врска со облеката, која ја опишува како продолжение на нејзиниот уметнички израз и политички активизам.
„Ја сакам модата, сакам да создавам, да комбинирам, да стилизирам“, вели таа.
Откако нејзиниот сопруг беше избран, секое нејзино јавно појавување (иако сè уште ретко) предизвикува вистинска дигитална треска.
Воодушевувањето околу сопругата на градоначалникот е доволно необично за да привлече внимание. И тоа многу зборува за нејзината популарност, која е различна од популарноста на нејзините претходнички.

Нејзината возраст (28 години), коса, стил – сето тоа фасцинира далеку надвор од Њујорк. На социјалните медиуми, каде што нејзините уметнички објави ги следат 1,9 милиони следбеници, луѓето се воодушевени од нејзините црни ролки, Лејди Ди-стилот и кратката фризура – што фризерските салони во Њујорк веќе ја нарекоа „фризура Рама“.

Коментарите пламнаа особено околу чизмите „Миста“ што ги носеше со долги, широки бермуди од „Френки шоп“ за време на првата церемонија на инаугурација на Зохран Мамдани на 1 јануари.
Станува збор за кожни чизми, со врвки, кои совршено ја отелотворуваат авангардата на моментот – и во дизајнот и во изборот на бренд што симболизира независна и прогресивна мода. Додека некои го гледаат тоа како доказ дека таа наметнува нов моден јазик близок до генерацијата Зет, други ја критикуваат пораката што ја сметаат за контрадикторна, имајќи ја предвид цената на чизмите (530 евра) и политичките ставови на нејзиниот сопруг, демократски социјалист.
Кога стилот на Рама Дуваџи станува јазик
За неколку часа, контроверзноста порасна до тој степен што Габриела Карефа-Џонсон, поканета да ја придружува Рама Дуваџи за време на нејзините први јавни појавувања, почувствува потреба да го разјасни својот пристап. На својот профил на Substack, поранешната модна уредничка на Vogue објасни дека на Рама Дуваџа технички не ѝ е потребен стилист. Нејзината улога била да ѝ помогне да го „преведе“ својот изглед во високо кодифицирана сфера.
Сите парчиња што ги носеше на инаугурацијата биле или позајмени (како сега веќе познатите чизми) или изнајмени, (како винтиџ палтото од Баленсијага што се носеше во метрото). Иако Дуваџи тврди дека сака да остане во позадина и да не биде сведена на статус на „плус еден“, таа сепак ја носи својата нова улога со леснотија – особено преку облеката како форма на комуникација.

За втората церемонија, таа избра капут во боја на чоколадо со висока јака и украси од вештачко крзно од брендот „Ренесанса“, основан од палестинско-либанската дизајнерка Синтија Мерхеј, а познавачите велат дека е тешко да не се види политичка порака во тоа…



