Прва лига: Кошаркарите на ТФТ во драматична завршница го совладаа Чаир 2030

фото: kfsm.mk

Екипата на ТФТ Моцарт го победи Чаир 2030 со резултат 70:69 за 3:1 во серијата за пласман во полуфиналето од плеј-офот на Првата македонска кошаркарска лига. Играчите на ТФТ во полуфиналната фаза го чекаат победникот од серијата во која МЗТ Скопје Аеродром води моментно со 2:0 против Гостивар, а претходно како полуфиналист се промовираа и Работнички и Пелистер.

Гостите од Чаир во СРЦ „Кале“ – Скопје по осум минути игра имаа солидни 18:12, а по првата четвртина нешто пониски 20:17. Чаир 2030 ја контролираше својата позитива, имаше 36:29, но домашниот кошаркар Калхун не дозволи нешто повеќе од тоа, ја сведе предноста на противникот на само „еден посед“, (34:36). Откако „разменија“ по една „тројка“ со Галовеј, разликата остана иста, (40:38) во корист на Чаир 2030 пред почетокот на големиот одмор.

Пресврт видовме во третата четвртина, ТФТ направи серија од 12:4 со која го презема водството. Поведе домашната екипа со 50:44 во средина на тој дел од играта. Во понатамошниот период не функционираше нападот на Чаир 2030 и тоа го казни ТФТ кој ја продолжи серијата на 17:4 за сега веќе „двоцифрени“ 55:44.

По 30 минути игра ТФТ имаше 60:49) на семафорот, а во последниот период гостите се погрижија да намалат на достижни 59:66 на неполни три минути до крајот. Чаир 2030 не се предаваше, при 62:68 реализираше седум поени, не примија ниту еден, и успеа да поведе 69:68, по тројката на Роби, по која останаа само 54 секунди за одлука.

Ташовски беше половичен од линијата за слободни фрлања, за (69:69), а Галовеј не погоди, можеби и за победа на Чаир 2030. Последниот напад го имаа домаќините, но Ташовски направи грешка, и им даде уште една шанса на гостите. Но, Роби не го погоди шутот за триумф, а згора на тоа Далгер го фаулираше Хаутон. Не го погоди првото, но затоа беше прецизен во второто, за 70:69, за крај од мечот кој го даде третиот полуфиналист на доигрувањето за титулата, а во кој „трилингот“ на ТФТ Моцарт, Ташовски-Николов-Калхун, искомбинира 47 поени. Кај Чаир 2030, најмногу работи во играта зависеа од Галовеј, кој заврши со 26 реализирани поени (и 10 скока) и Роби кој дополни со 19 поени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот