Протестите во Љубојно вродија со плод – ќе се менува планот кој предвидуваше гола сеча на шума
Министерството за земјоделство побара од Јавното претпријатие „Национални шуми“ да започне постапка за изменување и дополнување на постоечкиот план кој предизвуваше голема сеча во шумата над село Љубојно и околината во период од 2024 до 2033 година. За ваквиот чекор Министерството преку јавен допис ги известило членовите од иницијативата „Љубојно“, кои до март годинава четири месеци протестираа секој ден против гороцидот на шумата, објави СДК.мк.
Препорачано
„Министерството го доби мислењето од Факултетот за шумски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг ‘Ханс Ем’ од Скопје, со кое се укажува дека е потребно да се пристапи кон изменување и дополнување на постоечкиот план за стопанисување со шумите во шумско-стопнанската единица Пелистер-Брајчино со важност 2024-2033 г. Со допис се одбративме до ЈП ‘Национални шуми’ да започнат со постапка за измени“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.
Жителите на Љубoјно велат дека со ова и официјално се прифатени нивните барања за промена на планот, што е победа за нив во одбрана на животната средина и екосистемот.
„Ова е потврда дека доколку стоиме заедно зад иста цел, можеме и да ја постигнеме, а исто така, да ги поздравиме сите храбри луѓе кои учествуваа во протестите кои испишаа историја“, велат жителите на Љубојно.
Инаку, Жителите и сопствениците на куќи во преспанското село Љубојно излегуваа на протести поради сечењето на шумата над селото, која, како што рекоа, ќе го загрози селото, како и изворот на вода од која се снабдуваат.
Тие ова го нарекоа „еколошка и инфраструктурна катастрофа“ што му се заканува на селото.
Протестираа жителите на Љубојно, велат дека концесионерот ја сотрел шумата над селото
Своевремено, од Владата велеа дека шумата кај Љубојно е „регуларна сеча на нискостеблен даб во одделите 29 и 30, во шумско-стопанската единица Пелистер Брајчино“. Притоа, испочитувана е целокупната законска процедура и контроли со кои „се гарантира дека шумата природно ќе се обнови“.
Исто така, оттаму тврдеа дека за сечењето била ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, која работите ги извршува под стручен надзор на Национални шуми.


